За Ковачевски опасно е што поддршка за бугарските клубови има и од македонската опозиција

Ванчо Михајлов -Бугарски културен центар во Битола / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Премиерот Димитар Ковачевски денеска повтори дека отворањето клубови што носат имиња на личности коишто се поврзани со Третиот рајх воопшто не придонесува за градење на добрососедски односи помеѓу државите, а пред се помеѓу граѓаните на двете држави и секогаш е подобро да се користат имиња коишто поврзувале и доколку се работи за културни центри многу посоодветно е доколку се земат културни работници, писатели итн. од светот на културата.

Според него, има уште една поопасна работа, а тоа е дека поддршката за клубовите не само што доаѓа од дел од бугарските политичари, туку доаѓа и од македонската опозиција.

– Претседателот на македонската опозиција јасно кажа дека тој е континуитет на Ванчо Михајлов, а Ванчо Михајлов е докажан соработник на Третиот рајх и на лидерите на Третиот рајх. И сметам дека дури и отворањето сигурно имало некаква поддршка во рамките на македонската опозиција па и се она што се случуваше после тоа, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со француската државна секретарка за Европа Лоранс Бун.

Тој уште додаде дека државата ќе испрати барање до бугарската Влада за отворање на Македонски културен центар во Благоевград исто како што сме отвориле во Софија, во Тирана и во други држави.

– Ќе може да се негува македонската култура, македонската литература, која што ќе може да ја негуваат граѓаните коишто се самоопределуваат како Македонци, а секогаш во секоја држава има граѓани коишто се самоопределуваат на друг начин од мнозинското население, меѓутоа ќе можат и другите граѓани од други националности во тие клубови да се запознаваат со нашата култура, изјави Ковачевски.

Во однос на функционирањето на заедничката македонско-бугарска историска комисија Ковачевски кажа дека дел од нејзината работа се историските прашања и тоа е многу јасно наведено во преговарачката рамка, која што е направена врз основа на европскиот предлог за време на француското претседателство.

– Одлуките во историската комисија се носат со консензус на 14 историчари – седум од Северна Македонија, седум од Бугарија и како такви се доставуваат до двете влади коишто можат да бидат имплементирани на реципрочна основа, рече Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот