„Војна“ меѓу македонската власт и опозицијата, меѓу бугарските – единство на дело

Додека власта и опозицијата во Македонија водат „војна“ меѓу себе за македонско – бугарските односи, во Бугарија мазно тече „единството“ меѓу бугарските политичари за тоа дека македонскиот јазик не е македонски, дека Македонците се Бугари и дека македонската историја има бугарски корени.

Дека бугарскиот политички врв е единствен во „крадењето“ на сѐ што е македонско покажа и сплотеноста на државниот врв, на претседателот Румен Радев, (Социјалистичка партија) и премиерот Бојко Борисов (ГЕРБ) и шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева (ГЕРБ), за ветото со кое Европската унија уште еднаш ја спушти рампата за Македонија.

За односот на партиите во македонскиот политички блок „Слободен печат“ разговараше со политиколозите, Никола Дујовски и Владимир Божиновски.

Според Дујовски за да има разединетост по едно прашање треба да се слушне и мислењето на опозицијата, која според него, до сега во јавноста не било пласирано.

– Не гледам дека власта и опозицијата се разединети. За да бидат разединети треба да слушнеме различни ставови. До сега не сме го слушнале ставот на опозицијата. Кога тие ќе го кажат својот став по однос на македонскиот јазик и прашањата за грижите на Бугарија, тогаш ќе знаеме дали имаме единство во македонскиот политички блок или немаме. За мене е многу поважно тоа што имаме единство во Владата. Таму нема различно мислење и тоа е многу поважно отколку да чекаме опозијата да гради ставови на дневно политички прашања, вели Дујовски.

Според политикологот Владимир Божиновски власта и опозицијта треба да имаат единствен став по однос на барањата од страна на Бугарија.

Македонија како држава треба да покаже единство, што значи дека треба да седнат, не само власта и опозицијта, туку и научната јавност, особено по Манифестот од МАНУ, МПЦ и УКИМ, и да договорат што смее а што не смее да биде предмет на преговори. Проблемот е сличен како и со Преспанскиот договор. Сето она што го прави Зоран Заев и уште двајца тројца околу него, не се известени, ниту пак, опозицијата. На тој начин дополнително се дава легитимација на бугарските барања кои што излегуваат од контекст, но сепак се повикуваат на некаква заендичка декаларација усвоена во парламентот, која е подржана не само од опозицијата туку и од БАН. Ние такво нешто немаме бидејќи Заев одбива да го дискутира тоа со македонскта научна заедници но, и со опозициските партии. Со самото тоа ние немаме државен став што значи дека се е отворено за преговори и тоа е всушност голем хендикеп на нашата страна, вели Божиновски.

За Дујовски пак, депласирано е да се коментираат тврдењата на опозијата дека се распродаваат нациналниот идентитет, јазик и историја, бидејќи тоа нема да го направи ниту една власт, па дури и ако сегашната опозиција да дојде на чело на државата.

Нема начин во 21 век да се разнебитува идентитетот на некој народ. Тоа е незамисливо во овој современ свет. Опозицијата точно знае на кого се обраќа, на нивната целна група, на нивните гласачи. Имаат стабилно гласачно тело и кое на ВМРО-ДПМНЕ ќе му обезбеди ист број на гласови. Но, забораваат дека со ваквиот однос тие ја губат подршката од нивнте партнери во Европа и генерално од меѓународната заедница. Јасно е дека ние остануваме надвор од европските текови и дека ниту Зоран Заев ниту Христијан Мицкоски имаат магично стапче да го променат тоа. Да се алудира дека корупцијата е во позадина набугарското вето е погрешно и нерелевантно особено имајќи во предвид дека од сите центри на моќ на Европа сме оценети позитивно по однос на многу прашања поврзани со борбата со криминалот и корупцијата, вели Дујовски.

Според Божиновски, барањето на опозицијата, пратениците во Собранието да дискутираат и да договорат единствен став, е оправдано. Тој смета дека треба што поскоро да биде донесен документ кој ќе може да биде ставен на преговарачката маса.

Според Заев, доколку цената биде ревизија на македонскиот идентитет со условите кои ги наметнува Бугарија, нема да има преговори со Унијата. Тој посочи дека со ставањето на вето Бугарија го прекрши Договорот за добрососедство.

– Во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува. Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ. Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати”, рече македонскиот премиер, додавајќи дека Скопје нема намера да преговара за идентитетот, јазикот или темелот на државноста- АСНОМ. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа единствените кои навиваа Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговори, единствените кои блокираа реформи и структурни закони важни за интеграцијата во ЕУ, рече Заев.

Од друга стана лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека само политички аматер може да потпише договор во кој што критериум за напредокот на Македонија и нејзината интеграција во рамките на ЕУ ќе бидат лингвистичките проблеми и проблемите со историјата.

-До политичарите, сакам една порака да упатам. Немојте да се дрзнете да го чепкате македонскиот идентитет, македонскиот јазик, посебност, македонската историја, традиција, обичаи. Немојте да се дрзнете и да помислите и да се откажете од македонското малцинство кај нашиот источен сосед затоа што таа хартија која што вие ќе ја потпишете е безвредна. Следната Влада која што ќе биде Влада на единство, истото тоа парче хартија нема намера да го почитува, вели Мицкоски.

Официјална Софија завчера по вторпат за неполн месец стави блокада за одржувањето на првата Меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот