Водата од чешмите на Пелистер е бактериолошки неисправна, алармира Центарот за јавно здравје Битола

Фото: Слободен печат

Центарот за јавно здравје Битола редовно го следи квалитетот и безбедноста на водата за пиење од планинските чешми во склоп на Националниот парк Пелистер, како и од чешмите од потпелистерските села Трново и Магарево.

Па така, при извршената микробиолошка и хемиска анализа и врз основа на добиените резултати од испитувањата може да се утврди дека во 100 проценти од испитаните примероци, водата од чешмите на Пелистер е бактериолошки неисправна.

Анализата е програмска активност којашто Центарот за јавно здравје Битола ја реализира согласно националната годишна програма за јавно здравје што е финансирана од Министерството за здравство и врз основа на таа програма, се дефинираат активности што ги реализираат во тековната година.

-Во тековната 2023 година го следевме квалитетот и безбедноста на водата за пиење од планинските чешми што се теренски достапни, како што се чешмите во Трново и Магарево. За анализа се земени вкупно 15 примероци, извршена е микробиолошка и хемиска анализа и врз основа на добиените резултати од испитувањата може да се утврди дека 100 проценти од испитаните примероци се бактериолошки неисправни. Кај сите примероци изолирани се ешерихија коли, бактерии што се индикатори за фекално загадување и се голем епидемиолошки ризик доколку оваа вода ја користат мали деца, бремени жени, хронично болни лица и особено лица со намален имунитет-вели д-р Емилија Богоевска, спец. по хигиена во Центарот за јавно здравје Битола.

Фото: Слободен печат

Според д-р Богоевска причината за ваквиот висок процент на бактериолошка неисправност на водата од планинските чешми се должи пред сè на дотраеноста и неодржувањето на каптажите на чешмите, потребно е неколку пати во годината да се врши механичко чистење на самите чешми, како и санирање на дефектите на чешмите.

-Препораката наша е при посета на сите планински места, не само на излетничките и туристичките места да не се пие водата од планинските чешми, секоја вода за која не се знае каков и е квалитетот, не треба да се користи за пиење, и совет е посетителите од дома да си наполнат вода што е од градскиот водовод, да наполнат во соодветна амбалажа, а доколку подолго време се задржат на планина со себе да си носат флаширана вода-апелира Емилија Богоевска, спец. по хигиена.

Таа додава дека квалитетот на водата за пиење не може да се одреди со голо око. Овие бактериолошки неисправни води имаа својствен мирис, вкус, бистри се и не може да се утврди нејзиниот квалитет и безбедност.

-Неопходно е лабораториски да се испита и потоа да се докаже нејзината исправност. Најголемата причина за неисправноста на водата за пиење во склоп на Националниот парк Пелистер е неодржувањето на каптажите. Тука не треба да се заборави непостоењето на санитарни јазли во склоп на Националниот парк Пелистер, нема канализација во потпелистерските села, септичките јами се дотраени, некои од нив не се изградени по санитарно технички норми, па и новоизградените не се изградени по тие санитарно технички норми. Неопходно е потпелистерските села да се приклучат на канализација со цел трајно решавање на овој проблем. Тука не треба да го заборавиме и хотелот „Молика“ и тој има удел во неисправноста на чешмите на Пелистер-вели Богоевска.

Центарот за јавно здравје Битола пред неколку години комплетно го испита квалитетот на сите чешми во склоп на Националниот парк Пелистер, дури и чешмите што се над хотелот „Молика“, така што кај сите од нив беше утврдена бактериолошка неисправност пред сè од дефектите на каптажите што се главната причина за неисправноста на водата во чешмите на Пелистер.

Обврска е на Националниот парк Пелистер да реализира механичко хемиско чистење на водата, а од Јавно здравје Битола се надеваат дека проблемот ќе се реши.

-Ние делувавме советодавно, во постапките за чистење и одржување на овие каптажи и понатаму соработката продолжува и секогаш стоиме на располагање за секаков вид на советодавна поддршка од наша страна-вели Богоевска.

Од Националниот парк Пелистер велат дека во континуитет ги слушаат препораките и насоките на Центарот за јавно здравје и трипати годишно се врши чистење на каптажите што се на чешмите на Пелистер и се ставаат супстанции врз база на хлор.

-Ние како Национален парк Пелистер ги преземаме сите мерки и препораки од Центарот за јавно здравје, но, за жал дел од чешмите се загадени. Во април оваа година ги исчистивме каптажите, се стави супстанца врз база на хлор и пред неколку дена по вторпат годинава извршивме чистење на каптажите. Во НП Пелистер и околината се околу 15 чешми, но туристите најмногу ги посетуваат чешмите кај Печурката, Голема и Мала ливада, и за жал резултатите покажуваат дека имаат загаденост-вели Зоран Пројчевски шумарски инженер во НП Пелистер.

Центарот за јавно здравје Битола најмногу испитувања прават кога има голема посетеност на Пелистер од туристи.

Квалитетот на водата од пелистерските чешми е променлив и оваа состојба како што велат се провлекува години наназад, само што секоја година се зголемува процентот на неисправноста на примероците за вода за пиење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот