Во Тетово не е само проблем ѓубрето, граѓаните истураат и фекалии од септички јами на улица

Фото: Слободен печат

Преполни контејнери и големи количини на смет околу нив е вообичаена слика која ги загрижува тетовци секое лето кога се создаваат двојни поголеми количини на смет на дневна основа со доаѓањето на печалбарите.

Но, она што особено загрижува е ниската еколошка свест на одредени граѓани, кои освен што го фрлаат сметот каде ќе стигнат тие истураат и фекали на улица од септички јами.

Инспекторатот за животна средина при Општина Тетово, во рамки на своите контроли затекнале луѓе кои истурале фекалии на улица и против нив има издадено решенија.

„Имаме издадено 10 решенија за луѓе кои исфрлале отпадни води од септички јами на јавни површини. Исто така во рамки на нашите активности беа контролирани и Б дозволите на одредени фирми, на кои им наложивме да се изготват елаборати за животна средина. Во градот извршивме контрола на една фирма која врши преработка на масло од каде се ширеше миризба. Имаше еден дефект во производствениот процес, но истиот тој дефект е веќе остранет, изјава Томислав Јоргушевски од Инспекторатот за животна средина при Општина Тетово.

Инаку голем дел од тетовскиот смет наместо на депонија е околу контејнерите, на тревниците, долж речните корита. Од Инспекторатот за животна средина, велат дека опоменале 30 физички лица за фрлање на смет на несоодветни места. Наложиле на комуналните претпријатија да се постават садови за селектирање на отпад

„Сега е летен период, дојдени се печалбарите и сме сконцетрирани на комуналниот отпад, беше извршена контрола во ЈКП Тетово на кои им сугериравме да постават садови за селекција на отпад, за да го селектираме отпадот. Од нивна страна да се постават садови како би можеле трговците да го острануваат картонот, за да не се полнат контејнерите, изјави инспекторот Јоргушевски.

Градоначалникот на Тетово Билал Касами, минатиот месец најави дека ЈКП Тетово ќе ги зголеми своите капацитети во пресрет на доаѓањето на печалбарите кога се собираат поголеми количини на смет на дневна основа. Но, граѓаните ако сакаат почист град редовно треба да ги плаќаат комуналните сметки и да се однесуваат поодговорно кон јавните површини, дополни тогаш Касами.

Инаку Тетово се уште го нема решено проблемот со претовар на комуналниот смет пред да се однесе во регионалната депонија во гостиварско Русино. Отпадот наместо во посебни контејнери или хали се претовара без никакви стандарди на земја, загадувајќи ја тетовската почва, подземните води и воздухот.

ФОТО: Купишта смет пред детска градинка во Тетово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот