Во Струмица и Ресен ќе се градат откупни центри

Договор вреден 499.890 евра е потпишан денеска меѓу Владата и консултантското партнерство составено од Globaltec Desarrollos e ingenieria S.A (Глобалтек Десаролос), COLENCO Ltd. (КОЛЕНКО ДООЕЛ), NEW VISION Ltd. (Нју Вижен ДОО), и BUREAU OF URBAN PLANNING BITOLA Ltd. (Биро за Урбанизам Битола ДООЕЛ), за подготовка на активностите за изградба на откупните центри во Струмица и во Ресен.

Договорот е поделен во три фази. Првата, како што беше речено пред потпишувањето, се фокусира на избор на соодветна локација, урбанистичко планирање, физибилити студија, стратешки и бизнис план, проценки на влијанието врз животната средина и социјални аспекти, втората фаза вклучува подготовка на главен проект и финализирање на планот за управување со животната средина и социјалните аспекти, додека третата предвидува консултантското партнерство да обезбеди техничка помош при спроведувањето на постапката за избор на градежни компании за изградба на двата откупни центра.

-Денес е голем ден за македонското земјоделство. По децении, почнува постапката за изградба на откупни центри во Струмица и Ресен. Тоа ќе значи сигурен откуп кој нема да зависи од временските и климатските услови, туку единствено од трудот на земјоделците, истакна премиерот Димитар Ковачевски.

Тој потсети дека средствата во износ од околу 12 милиони евра за развој и изградба на двата откупно-дистрибутивни центра, се обезбедени преку Проектот за модернизација на земјоделството кој се финансира со заем од Светска банка во износ од 46 милиони евра.

Со двата откупно-дистрибутивни центра кои ќе бидат поврзани со логистичко-дистрибутивната платформа лоцирана во околината на Скопје, ќе се воспостави националниот систем за дистрибуција на храна со што ќе се обезбедат услови за подобрување на безбедноста и квалитетот на храната во согласност со меѓународните стандарди, услови за подобрување на конкурентноста на синџирот на вредност на јаболката преку квалитетно сортирање, класифицирање и пакување, како и услови за подобрување на агрегацијата и хоризонталната интеграција на малите сопственици за поголема моќ за преговарање на пазарот, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Претставниците на консултантското партнерство најавија најсовремена технологија и енергетска одржливост во рамки на проектот за откупните центри, а целта е, како што рекоа, поголема конкурентност на земјоделскиот сектор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот