Во следниве четири години канабисот легално ќе се одгледува, продава и консумира во Холандија

Фото: Пекселс/aphiwat-chuangchoem

Канабисот легално ќе се одгледува, продава и консумира во Холандија за прв пат од петок како дел од четиригодишниот пробен период низ целата земја.

Една од најголемите заблуди за Холандија, чиј главен град Амстердам е најатрактивното место за консумирање марихуана, е дека канабисот е легален во таа земја.

Всушност, канабисот не е целосно легален, туку се „толерира“. Продажбата и потрошувачката се нелегални, но „властите одлучија да не ги гонат прекршителите“, се вели на веб-страницата на владата.

Но, потполно е нелегално (и не се толерира) да се одгледува канабис во Холандија или да се снабдуваат „кафулиња“ каде што е дозволено пушењето.

Политиката на „толеранција“ беше воведена во 1970-тите за да се направи разлика помеѓу тешките и лесните дроги, но доведе до бизарна правна сива зона која овој експеримент треба да ја разјасни.

Законот доведе до снабдување со канабис на 570 „кафулиња“ во земјата, а локалните власти се жалеа на поврзаниот ситен криминал. Сите „кафулиња“ во овие општини мора да учествуваат за да важат истите правила за сите, а потрошувачите да знаат дека секаде добиваат ист квалитет на производ.

Останатите правила остануваат исти – на пример, максимум пет грама по лице дневно, забрана за продажба на малолетници и забрана за тешки дроги. Новите правила важат само за луѓето кои живеат во Холандија.

На кафулињата ќе им биде дозволено да складираат најмногу 500 грама канабис, „како општо правило, до залихи за една недела“, рекоа официјалните лица. Ќе се контролираат и потенцијално опасните тешки метали и афлатоксинот, кој природно се наоѓа во канабисот.

Властите се надеваат дека ќе го намалат ситниот криминал и антисоцијалното однесување, а сопствениците на „кафулињата“ со нетрпение очекуваат да водат бизнис со правна јасност.

Независни истражувачи ќе го следат експериментот за време на неговото четиригодишно траење. Целта е двојна: да се види дали е можно да се регулира синџирот на снабдување на „кафе-шоповите“ со канабис и дали со тоа се намалува ситниот криминал и асоцијалното однесување.

Владата ќе „одлучи за иднината на холандската политика на кафулиња врз основа на овие резултати и други фактори“, според нејзината веб-страница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот