Во „Меѓаши“ летоска стигнувале невообичаено голем број пријави за грабнување деца

Фото: илустрација / Profimedia

Невообичаени пријави за грабнување на деца се забележани во последниов период на телефонската линија за деца на првата детска амбасада „Меѓаши“.

– Невообичаена појава којашто ја издвојуваме како посебен случај во годишниот извештај за 2021 се дојавите за трговија со малолетни деца, како и грабнување и обиди за грабнување на деца што се забележаа во периодот август/септември. Би сакале да истакнеме дека овој вид дојави подолго време не биле пријавувани во службата, а особено е забележливо што се јавија во кус временски период, покус од еден месец и тоа при крајот на август и на почетокот на септември кога имаме зголемено движење на работници кои се враќаат и заминуваат во странство, како и користењето на летни одмори во државата и надвор од неа. Без намера да сугерираме или прејудицираме дека миграцијата, односно големата внатрешна и надворешна раздвиженост е причина за овие појави, сепак сметаме дека е препорачливо надлежните институции внимателно да следат и разгледаат еден фактор кој може да влијае или влијае на зголемувањето на нелегалните активности. Станува збор за неколку дојави пријавени во период од десет дена. Детската амбасада Меѓаши во сите случаи итно интервенираше до надлежните институции да покренат постапка и акција за заштита на децата, велат од „Меѓаши”.

Оттаму истакнуваат дека станува збор за дејствија и прекршување на повеќе детски права.

– Се пријавуваше обид за трговија, грабнување со платен откуп за детето, неколку обиди за продавање на деца по претходен договор со родителите, при што се правени стратегии да се омажи детето и да се дадат пари на родителите. Исто така, правени се и обиди да се стекнат родителите со финансиска корист од децата на најразлични основи, дополнуваат од првата детска амбасада.

Од Меѓаши повикуваат МВР да интервенира и да ги испита овие случаи.

-Упатуваме апел до надлежните институции, особено до Министерството за внатрешни работи да интервенираат веднаш по добиена дојава и да ги испитаат сите околности пред и после настанот со цел утврдување на точната фактичка состојба, понатамошна заштита на детето, како и максимална превенција за идни такви настани, повикуваат од Меѓаши.

Изминатава година за 37 проценти е зголемен бројот на повици за помош на СОС детската линија во Меѓаши. Сепак, и покрај зголемениот процент на повици, мал е бројот на деца кои се охрабруваат да пријават насилство на СОС линијата предвидена за нив.

– Меѓаши во повеќе наврати ја разгледува причината поради која многу малку деца пријавуваат насилство. Имаме направено и испитување прашувајќи ги директно децата и младите (ученици од основни и средни училишта со кои соработуваме) со цел да ги разбереме мотивите. Во текот на 2019 година беше направено едно истражување преку кое дознавме дека јавувањето на телефон не е главниот избор за барање поддршка, совет или помош што и е својствен на младата генерација. Иако повеќе од половина од испитаните ученици знаат за постоењето на овој телефон, скоро никој од нив (975) не познава свој врсник што се јавил на телефонот, ниту пак се подготвени да се обратат на телефонот кога имаат потреба (само 16% се изјасниле дека би се обратиле). Меѓу причините зошто не би се јавиле 70% од нив немаат потреба (34%), разговараат со познати (19%) или не се чувствуваат пријатно (17%) да се јават, а 27% се изјасниле дека не би се јавиле заради тоа што не го знаат бројот (11%), не сакаат никој да дознае за нивните проблеми (8%), или не веруваат дека некој може да им помогне (5%) или страв од потсмев (3%), велат од Меѓаши.

Останати прекршувања се во делот на семејните односи, односно прекршување на правото на детето за видување со едниот родител при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа, а веднаш потоа се пријавите за прекршувањата на правата на детето при повреда или штета (меѓуврсничко насилство – булинг, физичко насилство, емоционално насилство, занемарување политичка злоупотреба). На трето место по зачестеност е прекршување на правото на пристапност до институции, социјални, здравствени и други услуги.

Психолозите забележале и нарушено ментално здравје кај децата, најчесто во случаите поврзани со нарушениот однос со родителите при бракоразводните постапки, а забележани се и пријави кои се однесуваат на потешкотии со следење на онлајн наставата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот