Во Македонија нема загадени турски лимони

unsplash

Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека не добила известување преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија дека се увезени небезбедни лимони од Република Турција

Безбедни се турските лимони и грејпфрутот, кои се продаваат, уверуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за „Слободен печат“. Медиумите од регионот, неодамна објавија, дека Системот за брзо предупредување за храна и добиточна храна (РАСФФ), објавил податоци со предупредување дека има нагло зголемување на бројот на испораки на лимони и грејпфрути од Турција кои ја надминале официјалната граница утврдена со регулативите на ЕУ за пестициди.

-Како контакт точка на Системот за брзо известување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ, до АХВ нема пристигнато нотификација за небезбедна пратка со агруми (лимони и грејпфрут) по потекло од Турција со наводи за содржина на поголемо ниво на пестициди над максимално дозволените граници – ни одговорија од Агенцијата.

Од АХВ истакнуваат дека инспекциските служби вршат континуирани контроли на домашниот пазар со овошје и зеленчук, како и на пратките кои се увезуваат во Република Македонија.

-Се контролираат магацини за чување на овошјето и зеленчукот, дистрибутивните центри и преработувачките капацитети. Дополнително, прометот со овошје и зеленчук се контролира и во пиљарите – велат од АХВ за „Слободен печат“.

Покрај редовните инспекциски контроли, Согласно препораките на Европската Унија за мониторирање на штетните агенси во храната, Агенцијата за храна и ветеринарство од 2012 година ја спроведува Програмата за мониторинг на безбедноста на храната.

-Целта на оваа Програма е одредување на евентуално присуство и на концентрациите на контаминентите во храната, како и евалуација на нивното влијание врз здравјето на човекот. Програмата е усогласена со европските програми за мониторинг, препораките на Светската здравствена организација. Мострите (вклучително и од овошје и зеленчук) се земаат во определен временски период, од определени региони, дефиниран тип и количина – објаснуват од АХВ.

Пролетоска инспекторите во Хрватска ги известија потрошувачите за отповикување на увезени лимони од Турција, поради воспоставениот пестицид хлорпирифос и дидецилдиметиламониум хлорид (ДДЦ). Хрватските инспектори објавија дека производот не е во согласност со Регулативата (ЕЗ) бр. 396/2005 на Европскиот парламент и Советот од 23 февруари 2005 година за максимални нивоа на остатоци од пестициди во или на храната и добиточната храна од растително и животинско потекло.

Во Македонија се увезуваат над 5 милиони килограми лимони, најчесто од Турција, Грција, Шпанија, Бразил и Италија. Годишната потрошувачка на е просечно семејство е 15 килограми лимони и 34,3 килограми портокали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот