Во Еквадор уапсен шефот на озлогласениот картел Лос Лобос

Во Еквадор уапсен шефот на озлогласениот картел Лос Лобос / Фото Слободен печат / ЕПА / Еквадорска полиција

Полицијата во Еквадор соопшти дека го уапсила наводниот водач на Лос Лобос, моќна криминална организација специјализирана за трговија со дрога. Мажот, идентификуван како Хаиме С.Ц. бил вооружен и носел голема сума пари кога полицијата го запрела неговиот луксузен автомобил во пристанишниот град Пуерто Боливар.

Вооружени лица за кои се верува дека припаѓаат на неговата банда отвориле оган додека полицајците го префрлале Хаиме С.Ц. во полициската станица. Во престрелката е повреден еден полицаец. Подоцна биле застрелани и војници назначени да го чуваат полицискиот штаб каде што бил затворен осомничениот, пишува Би-Би-Си.

Полицијата навела дека Хаиме С.Ц. имал со себе 13.500 долари, чие потекло „не можел да го објасни“. Лос Лобос (Волци) има околу 8.000 членови и стана една од најмоќните криминални организации во земјата на Андите. Многу членови се во затвор, но бандата продолжува да дејствува зад решетки и е обвинета за поттикнување на некои од најкрвавите затворски немири во Еквадор.

Се верува дека бандата е поврзана и со мексиканскиот картел Халиско Нова генерација (ЦЈНГ), за кој шверцува кокаин од Колумбија преку еквадорските пристанишни градови во САД и Европа. Еквадор беше зафатен од бран насилство за време на кој стапката на убиства се зголеми за четири пати меѓу 2018 и 2022 година.

Даниел Нобоа, кој во четвртокот положи заклетва како нов претседател на земјата, вети дека ќе се справи со шверцот со дрога и ќе ја ослободи земјата од контролата на бандите. На неговиот прв цел ден на функцијата, тој ја укина политиката со која се дозволува поседување на мали количества дрога, тврдејќи дека ја поттикнала микро-трговијата во училиштата и „создала цела генерација на зависници од дрога“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот