Во чест на Франкофонијата во Чифте амам ќе биде поставена изложбата „Париски рефлексии 2“

Вангел Коџоман, Мотив од Париз, 1955, масло на картон

Националната галерија во соработка со Францускиот институт во Скопје, во рамките на одбележување на Меѓународниот ден на Франкофонијата, го најавува второто продолжение на изложбата под наслов „Париски рефлексии 2“.

Изложбата го носи предзнакот 2 и ги претставува делата на втората генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани во центарот на светската уметност – Париз, по што извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување на влијанијата на надреализмот, енформелот и останатите тогаш актуелни светски тенденции.

Селекцијата се однесува на авторите кои се родени до 1930 година, кои ја дефинирале ликовната сцена кај нас по Втората светска војна, па сѐ до шестата и седмата деценија на 20 век: Вангел Коџоман, Василие Поповиќ – Цицо, Борислав Траиковски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Петар Мазев, Спасе Куновски, Ордан Петлевски, Иван Велков, Богољуб Ивковиќ, Ристо Лозаноски, Ванчо Ѓорѓиевски, Трајче Јанчевски, Вангел Наумовски и други, како и францускиот уметник Клод Дервен, кој во поново време творел во Македонија.

Сите претставени дела се дел од Колекцијата на Националната галерија. Изложбата ќе ја отворат г-дин Стево Пендаровски, Претседател на Република Северна Македонија, г-дин Сирил Бомгартнер, Амбасадор на Франција во Република Северна Македонија и д-р Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија. Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија. Изложбата ќе биде отворена на 9 март, во 12 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот