Во Битола регистрирано уште едно лице позитивно на Ковид-19

Болничари во Србија / Фото: EPA-EFE/DJORDJE SAVIC

ЈЗУ Клиничка болница-Битола денеска ги демантира и осуди информациите на социјалните мрежи во врска со третманот на пациенти и начинот на справување со Ковид-19, кои според директорката на болницата, Билјана Гагачовска се со цел да се шири паника и собираат политички поени.

За жал, изјави Гагачовска, некои од колегите социјалните мрежи ги гледаат како поле од кое треба да добијат аплаузи врз грбот на професијата што ја одбрале и да ја погазат заклетвата која ја дале, наспроти примарната улога за справување со пандемијата.

– Жално и срамно е да се собираат политички поени врз грбот на здравствените работници кои во овој момент пожртвувано работаат и затоа сакам да дадам целосна слика во врска со хоспитализиран пациент и за кој синоќа добивме потврда дека е позитивен на Ковид-19. Имено, во болницата беше хоспитализиран пациент, битолчанец со симптоматологија од психијатриско потекло. При влезот во болницата кај пациентот не беше регистрирана зголемена телесна температура и првично беше хоспитализиран во психијатриското одделение заради згрченост на мускулите, а по извршен лекарски преглед и анализи, пациентот заради сложена здравствена состојба беше префрлен во Интерно одделение и во посебно изолирана болничка соба. Контакт со пациентот имаа еден лекар, четири медицински сестри и еден болничар. На 11 април беше земен тест од пациентот за проверка, а доцна синоќа стигна резултат дека пациентот е позитивен на Ковид-19. Од синоќа пациентот е во Инфективното одделение при Клиничка болница-Битола и е во добра општа здравствена состојба, изјави Гагачовска.

Од Клиничка болница-Битола информираа дека со работата на синоќешната лекарска екипа воедно заврши ротацијата од 14 дена активна работа, а денеска почна со работа втора екипа која во изминатите 14 денови беше дома, односно не доаѓаше на работа.

– Во моментов под медицински надзор се лекарите кои имаа контакт со пациентот во ургентна медицина, лекарскиот тим што го третираше пациентот на психијатриското одделение и лекарскиот тим што имаше контакт со пациентот во интерно одделение, потврди Гагачовска.

На Инфективно одделение во болницата, како што беше истакнато, покрај пациентот кој синоќа беше сместен, се лекуваат и осум други пациенти и сите се стабилни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот