Владата ќе го претстави договорот со „Бехтел и Енка“ во Собранието, ќе го видат само пратениците со безбедносен сертификат

Бехтел и Енка / Фото МИА

Владата попладнево соопшти дека нејзини претставници и членови на Комитетот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10 –д, вклучени во инфраструктурниот проект, ќе ја презентираат документацијата и деталите од договорот кој го потпиша Владата за изградба на автопатските делници на овие два коридора, во соодветна собраниска процедура.

Владиното соопштение доаѓа откако вчера, деветтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносни сертификати, побараа увид во договорот со „Бехтел и Енка“, според кој американско-турскиот конзорциум треба да изгради делници вкупно долги 108 километри, за околу 1,3 милијарди евра буџетски пари.

„Целта е пратениците да се запознаат со содржината и сите детали од договорот за изградба на двата коридора, кои се од нивни интерес. Презентацијата на договорот ќе биде спроведена пред сите пратеници од Собранието на Република Северна Македонија кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат“, соопштија од Владата.

Договорот, за кој Владата претходно откри дека содржи делови кои се од доверлива природа, на барање на компанијата, деновиве беше предмет на критики од опозицијата, но и од експерти. Работата ѝ беше доделена на „Бехтел и Енка“ без да биде спроведен тендер, со носење специјален закон за проектот. Владата уште лани на седница одлучила големиот инфраструктурен проект да не се финансира од европските фондови, туку со буџетски пари, но одлуката тогаш не ја објави. Откако, со голема помпа, минатиот месец го потпиша договорот со „Бехтел и Енка“, Владата поднесе предлози за измени на девет закони, меѓу кои и продолжување на максималната работна недела на 60 часа, што наиде на дополнителни критики од синдикатите, а опозицијата најави блокирање на измените со амандмани.

За дел од експертите, пак, спорна е и високата цена од 12 милиони евра по километар, со која овие автопатски делници ќе бидат меѓу најскапите во Европа. Посебно контроверзен беше договорот за избор на фирма за надзор на проектот, вреден 22 милиони евра, од кој најголем дел доби фирма која до тендерот немала никакво искуство, ниту лиценца за надзор, туку се занимавала со производство на долна облека.

Додека траат контроверзите околу проектот, за кој граѓаните ќе треба да издвојуваат по 243 милиони евра годишно во следните шест години (доколку трошоците не растат), Владата денеска соопшти дека работите на изградбата на автопатските делници ќе почнат во недела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот