Виртуелната картичка им создава реални проблеми на патниците – не знаат како да платат

Од сообраќајното претпријатие велат дека во случај корисникот на апликацијата да има надополнето повеќе типови билети, при валидација се одзема билет по „приоритет“ како при валидирање со електронска картичка „Скопска“

Наместо олеснување на начинот на надополнување и на плаќање за возење во автобус со воведувањето на мобилната апликација „скопска“, и по две недели откако виртуелната картичка беше пуштена во употреба, сѐ уште дел од патниците се соочуваат со бројни проблеми околу нејзиното користење. Воопшто не е мал број на патници кои се обиделе да платат во автобус со виртуелната картичка преку мобилен, но обидите им биле залудни па своето возење морале да го платат со „обичната“ картичка „скопска“.

Бројни реакции околу начинот на плаќање со оваа картичка можат да се прочитаат и на социјалните мрежи, а граѓаните се обидуваат да добијат информации и на билетарниците, но и на продажните места на ЈСП.

– Си купив картичка за десет возења за да ја користам мобилната апликација но кога се качив во автобус никако не успеав да платам со телефон иако средствата ми беа повлечени. Морав да слезам на следната автобуска станица и на билетарницата повторно да си ја надополнам неперсонализираната картичка „скопска“ за да можам да платам за возењето и да не стравувам дека може да ме затекне контрола и да ме казни – раскажува патничка од Карпош.

И од ЈСП „Скопје“ признаваат дека има одредени патници кои иако уредно ја инсталирале апликацијата, а потоа и си купиле виртуелна картичка, сепак не успеваат да платат за возење во автобус. Се со цел да се решат настанатите проблеми кои се појавиле, од јавното сообраќајно претпријатрие излегоа со дополнително појаснување околу начинот на користење на мобилната апликација „скопска“.

– Пред сѐ, за да се користи апликацијата, мобилниот апарат треба да има вграден NFC (Near field communication) интерфејс, преку кој се врши безжичната трансакција (валидација) на билет. Неопходно е корисникот на апликацијата да провери каде е лоциран NFC на мобилниот уред кој го користи (поставеноста е различна кај различен тип на уреди).За да се плати/валидира билет преку апликацијата, корисникот треба да го избере менито билети и телефонот (NFC -то во преден план) да го доближи до валидаторот (како при плаќање со електронска картичка „скопска“) – стои во објаснувањето на ЈСП.

Од сообраќајното претпријатие велат дека во случај корисникот на апликацијата да има надополнето повеќе типови билети, при валидација се одзема билет по „приоритет“ како при валидирање со електронска картичка „скопска“.

– На пример, доколку корисникот има месечен билет и билет од 10 возења, се валидира билет од месечниот билет. Доколку корисникот има билет за 10 возења и средства на електронскиот паричник, се валидира билет од тој со 10 возења. Исто како со електронската картичка „скопска“, практично апликацијата ја заменува „скопска“ – стои во објаснувањето од претпријатието.

Оттаму велат дека, кога станува збор пак за корисниците кои користат странски број, при инсталација на апликацијата неопходно е да го изберат и соодветниот повикувачки број за државата во која е издадена СИМ картичката.

Цената на билетите на мобилната апликација е идентична со цената на билетите платени/валидирани со електронска картичка „Скопска“.

Во случај патниците да имаат потреба од дополнителни прашања или пак доколку им се појават дополнителни проблеми при купувањето или пак околу плаќањето со овој тип на картичка, од ЈСП „Скопје“ им советуваат да се обратат на адресата [email protected].

Mобилната апликација , која претставува замена за неперсонализираната електронска картичка всушност е виртуелна автобуска карта. Апликацијата е достапна за корисници на паметни мобилни телефони со Андроид или ИОС оперативен систем. Апликацијата нуди низа поволности, меѓу кои основните за електронско купување и валидирање билет, а располага и со алатки (возен ред, мапа на постојки, рута на планирање и друго) кои во голема мера го олеснуваат користењето на јавниот превоз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот