ВИДЕО | Војската на Нигер изврши државен удар, границите затворени, уставот распуштен

Фото Јутуб притнскрин

Армијата во западноафриканската држава Нигер на националната телевизија објави дека изврши државен удар. Тие се изјаснија дека го распуштиле уставот, ги суспендирале сите институции и ги затвориле границите на државата.

Претседателот на Нигер, Мохамед Базум е задржан во палатата во главниот град Ниамеј од претседателските гардисти, а регионалните лидери организираа брза посредничка мисија за да се обидат да спречат уште едно потенцијално грабање моќ во Западна Африка.

Африканската унија и западноафриканскиот регионален блок ЕКОВАС го осудија, како што го нарекоа обидот за државен удар, повикувајќи ги бунтовниците да го ослободат Базум и да се вратат во нивните касарни.

Соединетите Држави повикаа на ослободување на претседателот, додека Европската унија, Обединетите нации, Франција и други го осудија бунтот и рекоа дека со загриженост ги следат настаните.

Во телевизиско обраќање, полковникот Амаду Абдрамане, заедно со девет други униформирани војници зад него, рече: „Ние, одбранбените и безбедносните сили одлучивме да ставиме крај на режимот како што го знаете“.

„Причина за тоа е континуираното влошување на безбедносната состојба и лошата економско-социјална состојба“ додаде тој.

Тој рече и дека сите институции во државата се суспендирани и дека раководителите на министерствата ќе се грижат за секојдневните работи.

„Се бара од сите надворешни партнерски земји да не се мешаат“, продолжи тој. „Копнените и воздушните граници се затворени додека не се стабилизира ситуацијата“.

Тој додаде дека ноќниот полициски час ќе важи од 22:00 до 05:00 часот до понатамошно известување. Полковникот Абдрамане рече дека војниците дејствувале во име на Националниот совет за заштита на татковината (ЦНСП).

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен го условува продолжувањето на помошта за Нигер со зачувување на демократијата во таа африканска земја, соопшти Стејт департментот.

„Силно економско и безбедносно партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Нигер зависи од зачувувањето на демократијата и почитувањето на владеењето на правото и човековите права“, рече Блинкен во телефонскиот разговор со претседателот на Нигер Мохамед Базум.

Вашингтон „го осудува обидот за насилно преземање на власта и уривање на уставниот поредок“, додаде американскиот државен секретар, се вели во соопштението.

Блинкен, исто така, ја нагласи „силната поддршка“ на Вашингтон за „претседателот Мохамед Базум и демократијата во Нигер“, соопшти Стејт департментот.

Нигер, чија историја е обележана со државни удари, е еден од последните сојузници на западните земји во регионот Сахел уништен од џихадистичкото насилство и чии две соседни земји, Мали и Буркина Фасо, каде војската е на власт по пучевите, се свртеле на други партнери вклучувајќи ја и Русија.

Во соседно Мали, пак, тешко вооружените руски платеници на „Вагнер“ му помагаат на воениот режим во борбата против џихадистичките бунтовници. Ситуацијата во Нигер сега станува една од главните теми на Западот поради активноста и нестабилноста на „Вагнер“ во регионот Сахел.

Претседателот Владимир Путин, кој сака да го прошири руското влијание во Африка, денеска ќе биде домаќин на африканските лидери во Санкт Петербург.

Економската заедница на Западна Африка (ЕКОВАС) соопшти дека „остро го осудува обидот да се преземе власта со сила“ во Нигер. Во име на ЕКОВАС, претседателот на Бенин, Патрис Талон, пристигна во главниот град Ниамеј во мировна мисија. Талон рече дека ќе бидат искористени сите средства, доколку е потребно, за да се врати уставниот поредок во Нигер, но идеално е се да се направи мирно и во хармонија.

Толпата во Нијамеј вчера излезе на улиците во знак на поддршка на Базум. Градот бил главно мирен, иако војниците кои го извршиле пучот пукале за да ги разбијат протестите.

Нигер се бори со два исламистички бунтови – едниот на југозапад кој се појави од Мали во 2015 година, а другиот на југоисток во кој беа вклучени џихадисти со седиште во североисточна Нигерија. Милитантните групи поврзани со Ал Каеда и Исламската држава се активни во оваа африканска земја.

Претседателот Базум, кој бил демократски избран во 2021 година, е близок сојузник на Франција и другите западни земји. Нигер доживеал четири државни удари од независноста од Франција во 1960 година, како и бројни други обиди за пуч.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот