ВИДЕО: Во Тетово не се дише, граѓаните спасот го бараат на планина – некои седат дома и се молат да дувне ветер

Прст пред око не се гледа во Тетово/Фото: Слободен печат

Маглата во Тетово никако да се дигне. Една недела градот под Шара тоне во магла, што дополнително го зголемува аерозагадувањето, предизвикувајќи сериозни последици врз здравјето на тетовци.

Граѓаните, особено оние со нарушено здравје, излегуваат од дома само кога мораат, а дел од нив претежно со кардиоваскуларни и белодробни заболувања носат маски.

Фото: Слободен печат

„Многу денови поминаа со магла, ова е неподносливо, како во затвор седиме дома, излегуваме само да пазариме и да ги купиме лековите и толку. Имам проблеми со срцето, затоа мора да внимавам на здравјето и носам маска“, вели една тетовец.

„Како што гледате со себе носам маска да се заштитам од големото аерозагадување, но и властите треба да преземат сериозни чекори и тие да преземат некои мерки против аерозагадувањето да не заштитат, додава друг жител на Тетово.

Температурната инверзија во полошко, со топли и сончеви планини, а ладни и магловито низини, датира речиси половина век со изградбата на Мавровското езеро, а дополнително состојбата е влошена со езерото Козјак, вели доктор Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Фото: Слободен печат

„Ни се случува тоа што ни се случува, огромен број на денови со магла. А за таа да настане, потребно е кондензациско јадро. Ние го имаме аерозагадувањето – тоа е кондензациското јардо плус и голема влага и така настанува маглата. Сега како што се зголемува бројот на магловити денови, кога имаме една константна аерозагаденост, тогаш имаме мултипликација врз влијанието врз здравјето на тетовци. Ние знаеме дека не постои долен праг на аерозагадување што не предизвикува штетно дејство, тоа аерозагадување го имаме во Тетово. Тоа се должи на сообраќајот, на ложиштата, се грееме на се` и сешто, на градежништвото, на нехигиената и кога сето тоа заедно ќе се собере, со зголемениот број на магловите денови тогаш имаме мултипликација негативна врз здравјето на луѓето“, изјави  д-р Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Нема орган кој што не е погоден од големото аерозагадување, вели д-р Ратко Давидовски

 „Нема орган кој не е нападнат од овие ПМ 10 , а посебно ПМ 2,5 честичките. Најновите студии покажуваат многу интересни податоци, а тоа е замастување на црниот дроб, неалкохолно замастување на црниот дроб, потоа дегенеративни  промени во мозокот и тумефактни празнини кај неродени деца, изјави  д-р Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Треба да се превземат сериозни чекори за намалување на аерозагадувањето, но решението е во гасификација, која драстично ги спаси европските, а особено скандинавските земји од големото аерозагадување, додава д-р Давидовски.

Но, засега не се превземаат сериозни чекори од властите за намалување на штетните ПМ10 честички во воздухот. Сообраќајниот хаос и натаму е се` уште присутен, се градат згради на секое ќоше што ја намалува слободната циркулација на воздухот, а хигиената не е на завидно ниво.

Фото: Слободен печат

Граѓаните го чекаат ветерот за да го расчисти воздухот, а дел од нив според можностите, одат на планина да ги наполнат белите дробови со кислород.

Така беше изминативе неколку денови за време на новогодишните празници на Попова Шапка каде граѓаните ужуваа во чистиот воздух, додека Тетово тонеше во голема аерозагаденост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот