ВИДЕО | Трамп одржа митинг пред илјадници поддржувачи во Аризона

Фото: Скриншот/Јутјуб

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во саботата одржа говор во Аризона, повторувајќи го своето инсистирање за победа на претседателските избори, што беше поздравено од илјадници насобрани поддржувачи.

Некои од верните поддржувачи, неколку дена претходно, пристигнаа во Флоренс од Флорида или Тексас.

„Готово е со тоа што политичарите во Вашингтон ги контролираат вашите животи. Готово е со наметнувањето“, рече тој.

„Радикалните демократи сакаат да ги претворат САД во комунистичка земја“, додаде тој.

Трамп повтори дека победил на претседателските избори во 2020 година.

„Не можеме да дозволиме да се извлечат со тоа“, рече тој.

Претходните говорници испратија слични пораки. Бајден беше обвинет дека е „слаб“, „вознемирен“ и дека ги напаѓа главните медиуми. Зборуваа за украдени избори, медиумска пристрасност, отворени граници и дека САД предизвикуваат „исмејување“ низ целиот свет.

„Ова е како МАГА (изборниот слоган на Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“) на Вудсток. Патриоти низ целата земја се собраа за општото добро на земјата. Го сакаме нашиот претседател“, изјави за АФП Џонатан Ричес, еден од поддржувачите на Трамп собрани на митингот.

Џенифер Винтербауер, која беше меѓу првите што дојде на митингот, рече дека дошла да ја слушне „вистината“ од Трамп.

„Тој секогаш ја кажува вистината за сè. За економијата, ситуацијата во светот, САД“, додаде таа.

Трамп не ја одржа ветената прес-конференција на 6 јануари, на годишнината од упадот на неговите поддржувачи во Капитол, а ова е негов прв митинг од октомври.

Трамп истакна дека се собрала „огромна“ публика која не може да фати со поглед, но во моментов нема точни податоци за бројот на собрани луѓе.

Во пресрет на неговата победа на изборите во 2016 година и за време на неговиот претседателски мандат, на неговите митинзи се собираа десетици илјади луѓе, но во последно време неговите митинзи стануваат се помалку посетени.

Излезноста на саботниот митинг се чини дека била многу помала отколку на претходните митинзи, оценува француската новинска агенција АФП.

Митингот се одржа на земјоделско земјиште на 100 километри од Феникс, а заедно со Трамп беа и Републиканците познати по негирањето на резултатите од изборите во 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот