ВИДЕО: Граѓаните чекаат решение, проблемите меѓу Градот и приватните превозници се продлабочуваат

Фото: „Слобода превоз“

Град Скопје најавува дека ќе се преиспита оправданоста на сумата на одредена група приватни превозници поради неправилности

Стотици граѓани што треба навремено да стигнат на работа, на лекар или до училиште, од Волково, Шуто Оризари, ’Ржаничино и од Колонија Идризово, со денови немаат редовен автобуски превоз, откако дел од приватните автобуски превозници престанаа да превезуваат патници. Автобусите на „Макекспрес“, поради финансиска криза, не превезуваат патници на линиите со броевите 19, 20, 52, 54 и 22 поради долгот што Град Скопје, односно ЈСП „Скопје“, го има кон нив и е во висина од 30 милиони денари.

И додека жителите од овие населени места во Скопје се надеваа дека Град Скопје и приватните автобуски превозници ќе изнајдат трајно решение за проблемот и автобусите повторно ќе се вратат на улиците за да превезуваат патници, од Град Скопје излегоа со став дека од нивна страна најверојатно ќе се преиспита оправданоста на сумата на одредена група приватни превозници поради неправилности. Поради тоа, се става знак прашање кога повторно автобусите на „Макекспрес“ ќе продолжат со превозот на патниците.

Според надлежните од Град Скопје, за разлика од градските автобуси на ЈСП „Скопје“, кај една група приватни превозници се регистрирани низа неправилности и нерегуларности во нивното работење, како и неисполнувањето на услугите за кои тие наплаќаат од ЈСП.

Оттаму информираат дека регистрирани се неправилности и нерегуларности во супстандардните услови на автобусите, нивната техничка неисправност, саботажа на системот за следење на движењето на нивните автобуси, па сè до неисправност на фискалните уреди и непочитување на утврдениот возен ред.

– Сето ова ни дава за право да ја преиспитаме оправданоста на висината на сумата што оваа група приватни превозници ја побаруваат како надоместок за нивните услуги. ЈСП „Скопје“ и Град Скопје во неколку наврати укажаа на овие пропусти и недостатоци, дури беше даден и рок за да се подобри квалитетот на автобусите и нивната техничка исправност – одговорија од Градот во однос на прашањето за барањето на приватниот автобуски превозник „Макекспрес“ за исплата на сумите за август, септември и октомври.

Сопственикот на претпријaтието Милорад Димитријевски, пак, ваквата изјава од градските власти ја нарекува „несреќна изјава“, која не соодветствува со реалноста.

– Нашите автобуси имаат потврда за техничка исправност како и сите други потребни документи поради што имаме добиено и лиценца за работата што ја вршиме – дециден е Димитријевски.

Според него, тие како „Макекспрес“ имаат влез во системот само во оној дел каде што се прави распоред за возење и да се следи секое возило кога и дали излегува, сè друго е на Градот, кој има два механизма преку кои во текот на целиот ден се следат возилата и по завршување на работата, ги прогласува трасите дали се регуларни или не. Воедно, како што објаснува тој, по завршување на месецот од ЈСП се изготвува месечен извештај, кој го праќа до мониторингот на Град Скопје, кој го проверува, и доколку е во ред, го потпишува.

– Ние бараме да имаме средба со градоначалничката за да изнајдеме соодветно решение што ќе им одговара и на двете страни, а најмногу на патниците и конечно да се реши овој проблем – вели Димитријевски.

Приватните автобуски превозници од „Слобода превоз“ велат дека и ним Град Скопје им должи средства, а достасаниот долг изнесува 39 милиони денари. Сепак, според првиот човек на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, тие, на неделно ниво, од Град Скопје имаат редовна исплата на средства, поради што нивните возила според однапред утврден возен ред превезуваат патници.

Инаку, според најавите, денеска ќе протестираат ученици од најмалку десет населени места од општина Сарај, поради недостиг на автобуси со број 56 и 56А.Средношколците од гимназијата „Сарај“ ги повикуваат сите, па и студентите да се приклучат на протестот за да се реши проблемот со јавниот превоз и со недоволно простор за патниците во автобусите што сообраќаат. Тие пратиле барање до ЈСП за зголемување на бројот на автобуси што сообраќаат на линијата 56, но сè уште се без одговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот