ВИДЕО: Глутница кучиња низ тетовските тротори и улици, општинарите во канцеларии абер немаат да го решат проблемот

Видеото подолу говори какво е секојдневието во Тетово со глутницата кучиња скитници, кои ги има во се поголем број.

Снимката е направена во близина на центарот на Тетово. Граѓаните велат дека стравуваат да излезат од дома оти на секој чекор има бездомни кучиња, дел од нив се и агресивни и ги напаѓаат.

„Купуваме и некои апаратчиња што пуштаат некој звук од кои кучињата бегаат, но не можеме секој ден со тоа да се движиме низ град, треба овој проблем да се реши. Дали општината знае што се случува во нивниот град или пак можеби не го чуствуваат како нивен град, ако не го чуствуваат тогаш нека го предадат градот на некого кој го чуствува за свој и кој ќе се грижи за граѓаните,“ вели една револтирана тетовка.

„Јас колку што паметам претходната локална самоуправа етапно ги згрижуваше кучињата скитници во градот, не беше целосно решен проблемот, но сепак немаше толку многу кучиња. Сега оваа локална самоуправа со некоја невладина организација згрижи десетици кучиња и толку, а низ Тетово и низ селата кои припаѓаат под оваа општина има илјадници кучиња“, вели еден тетовец.

Во ноќните часови пак кучињата скитници „владеат“ низ тетовските улици.

Од Општина Тетово, моментално не преземаат никакви активности за згрижување на кучињата скитници. Минатата година општината во соработка со Здружението „Амос шелтер“ залови 82 кучиња, но грижата за овие бездомни животни траеше неколку месеци.

Општинските власти наместо решение во неколку наврати се правдаа дека се носат кучиња скитници од другите општини во Тетово, затоа бројката на бездомни животни во Тетово од ден се зголемувала.

Пред 8 месеци, Општината објави и Правилник за начинот и постапката на утврдување и исплата на надомест на штета предизвикана од каснување од бездомни кучиња.

Целта е како што посочија оттаму, Општина Тетово да им излезе во пресрет на граѓаните, со тоа што процедурите за вакви случаи се поедноставуваат, воедно и се намалуваат, односно се избегнуваат судските трошоци, како и трошоците за извршители и адвокати.

Дали општината планира нешто да преземе во врска со оваа проблематика во периодов што следи, од локалната самоуправа не добивме никаков одговор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот