ВИДЕО: Финалето во Суперкупот на Аргентина прекинато поради 10 црвени картони

Беше доста тензично на фудбалскиот натпревар во Аргентина меѓу Расинг и Бока јуниорс/фото: EPA-EFE/Juan Ignacio RONCORONI

Финалето на аргентинскиот Суперкуп го донесе веројатно еден од највозбудливите фудбалски натпревари во последните години. Се сретнаа освојувачот на двојната круна Бока јуниорс и вицешампионот Расинг, кој претходно во баражот беше подобар од финалистот во Купот.

Трофејот на крајот отиде кај Расинг (2:1), но начинот на кој тоа се случи ќе се прераскажува со децении. Првото полувреме помина мирно, со по еден гол на двете страни и вкупно три жолти картони, а до самиот крај на вториот дел не се случи ништо посебно.

Но, тогаш почна хаосот. Во петтата минута од судиското продолжение, судијата Факундо Тељо покажа два црвени картони. Двата тима добија по еден, Себастијан Виља од Бока и Јохан Карбонеро на другата страна. Натпреварот потоа отиде во продолжение, а во 100 минута Бока остана со девет, бидејќи Алан Варела го доби вториот жолт картон.

Во 118 минута играчот од средниот ред на Расинг, Карлос Јонас Алкарас, ја искористи предноста од еден играч повеќе и постигна гол за 2:1, а потоа уште повеќе беше тензично на теренот. Младиот ас на Расинг го прослави голот пред трибините со навивачите на Бока, па на теренот настана општа мешаница.

Епилогот од сето ова беа седум нови црвени картони, пет добија играчите на Бока и два Расинг. Поради тоа на крајот финалето беше прекинато, бидејќи Бока јуниорс немаше доволно играчи за да го заврши мечот, а Расинг го освои пехарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот