ВИДЕО: Денот кога целиот свет плачеше поради Аиртон Сена

EPA

Денеска се навршуваат точно 27 години од смртта на еден од најголемите возачи во Формула 1, Аиртон Сена. Трикратниот светски шампион загина во несреќа за време на трката за Големата награда на Сан Марино на 1 мај 1994-та година.

Бразилецот со брзина од 300 километри на час на патеката „Енцо и Дино Ферари“ во Имола се заби во заштитниот ѕид на кобниот свиок Тамбурело. Иако загина млад, Аиртон Сена живееше доволно долго за да стане еден од најголемите возачи во историјата на авто мото спортот.

Во кариерата извозе 161 трка, победи на 41, имаше и 39. пласмани на подиумот, а освои три шампионскиот титули, сите со Мекларен. Беше одличен возач со голема харизма, роден победник со оригинално мото во светот на Формула 1, „Не сакав да победам во трката, туку во животот“.  

Приказната за Сена започнува на 21 март 1960 година во Сао Паоло. Тој е роден во богато семејство кое уште на четиригодишна возраст му обозможи да влезе во најскапиот спорт во светот, автомобилизмот. Своето деби на трките го имаше на 13-годишна возраст во картинг и веднаш победи. Желбата за напредување го однесе во Англија каде за три сезони освои три титули во Формула 3, кои му ги отворија вратите за влез во Формула 1.

Негово деби во Формула 1 беше во 1984 година за екипата на Толеман кој во претходната сезона освои само девет бодови. А, Сена во првите пет трки, имаше две шести места и две откажувања и симболично на Имола не успеа да се квалификува. На шестата трка во сезоната, во Монте Карло, Сена покажа за каков возач станува збор и зашто прекарот му беше “Дождовен човек“. Трката во Монте Карло ја одбележа силниот дожд, а Сена стартуваше од 13. позиција, дојде до првото место но на крајот заврши како второпласиран бидејќи според правилата, при прекин на трката се гледаат резултатите од претпоследниот круг, а таму Сена беше зад Алан Прост.

Во Монте Карло стана јасно дека Сена е возач за големи работи, тоа го виде Лотус кој му даде плата од еден милион долари во 1985 година. Со болидот на Лотус, дојде до првата победа, на трката за ГН на Португалија во Есторил, а со жолтиот болид оствари уште пет победи пред да дојде повикот од Мекларен. Со „црвено-белиот“ болид оствари 35 победи и освои три титули со што си го обезбеди местото меѓу легендите на овој спорт.

Неговите вештини беа далеку од конкуренцијата, а неговата страст, немерлива за ривалите. Како мал беше очаен возач на дожд и чекаше да заврне за да може со својот картинг да вози како би се усовршил.  Механичарите не сакаа многу да работат со него, бидејќи беше перфекционист. Постојано ги „малтретираше“ со најситни детали кои би му овозможиле да биде најбрз на некој свиок или правец. Неговата генијалност ја видоа во Хонда кои го замолија да помогне во развојот на суперавтомобилот „NSX“.

Неговите борби на патеките со Алан Прост, Најџел Менсел и другите се легендарни но токму тие со неговиот агресивен стил на возење, ги освоија срцата на фановите. Во 2009 година од страна на асоцијацијата на возачи во Ф1 е избран за најдобар возач во историјата на овој спорт и инспирација за голем број на возачи.

twitter/History Lovers Club

По смртта Сена стана уште поголем во очите на фановите, обичните луѓе, отколку што беше додека беше жив. Бразилецот беше свесен за својата големина во Бразил и во светот, и огромен дел од своето богатство го даваше во хуманитарни цели, а голем акцент ставаше на образованието и на сиромашните. Дури по смртта се дозна дека донирал околу повеќе од 200 милиони долари во хуманитарни цели.

 

EPA-EFE/Jeniffer Lorenzini / Pool

На неговиот погреб во Сан Паоло повеќе од три милиони луѓе излегоа да му дадат последна почит на големиот возач, шампион и човек. На неговото вечно почивачиште во Сан Паоло годишно доаѓаат повеќе обожаватели отколку на гробовите на Елвис Присли, Мерилин Монро и Џон Ф. Кенеди заедно.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот