ВИДЕО | Чаповски: Македонците од Југославија го зедоа најлошото – корупција и турбофолк, а Словенците прогресивното

Горазд Чаповски, фронтмен на Мизар/Фото: Слободен печат

Музичарите преку музиката изразуваат свој став, свое мислење и остануваат доследни во текот на своето траење на музичката сцена. Таков е примерот со култната македонска група „Мизар“.

– Искажаниот став секогаш чини многу. Но што се однесува на музичкиот концепт, ние многу компромиси не сме правеле. Тој концепт на балкански, македонски фолклор со мешавина на византиска и модерна електронска музика до ден денес го држиме, така што тука компромис нема. Еден пример, стварно нѐ чинеше. Кога бевме во 1988 година бевме кај Оливер Мандиќ, ни рече, за пред првиот албум, што го снимавме во Љубљана, пејте на српско-хрватски и ќе ви го издадеме албумот. Тогаш Мандиќ беше уредник на ПГБ-РТБ. Кај него бевме со Горан Трајковски, беше јасен. Ние не се согласивме, човек најдобро се изразува на својот мајчин јазик, сите емоции најдобро се изразуваат така и можеби не коштало комерцијално, но мислам дека е многу модерно и ин да се изразуваш и пееш на својот мајчиниот јазик, ставот од тој аспект можеби нѐ чинел помал комерцијален успех, ама сме останале на ставот, вели Горазд Чаповски, фронтмен на групата „Мизар“.

За пораките кои групата Мизар ги испраќа низ годините, Чаповски вели пораките да се посматраат во историски контекст:

– Во тоа време ние бевме алтер средина со свои ставови. Нашата поента беше да се сруши тоталитарен систем, да има слобода на говор, парламентарна демократија, се` што и денеска можеби нема. Таа генерација во 80-тите таква беше. Во 1985 година наш спот поради тоа заврши во бункер на хрватската телевизија, иако немаше ништо нарочито, но тоа беше тоа. Луѓето не беа свесни, владееше една конфузија, вели Чаповски.

Музичарот признава дека во младоста активно бил инволвиран во политиката и бил член и еден од финансиерите на ВМРО-ДПМНЕ, но подоцна заминал од партијата:

– Имав членска книшка број 64 на ВМРО-ДПМНЕ. Бев еден од првите финансиери на ВМРО-ДПМНЕ. Распродадовме концерт во МКЦ и сите пари ги дадовме за беџеви, маички и друг материјал за партијата. Долго време бев активист но излегов. На рефередумот на 8. септември 1991 година гласав за независна Република Македонија, наш да биде суверенитот, ние да одлучуваме кој ќе биде на власт преку избори, да одлучуваме за нашата судбина под името Република Македонија. Но видов дека тие идеални не се моите идеали, сосема други вредности и други игри се. Не сум јас член што може да даде нешто во тие околности. Сепак јас сум алтер музичар, а тие цели и концепти се поограничувачки, вели Чаповски.

Тој смета дека Македонија никогаш не била подемократска отколку во периодот 1988-92 година.

– Грешките Македонија веќе ги прави 30 години. Не знае каде оди, што прави. Но поради нашата неспобност, гледате каде сме. Се искомплицира работата, многу малце учиме од својата историја, вели Чаповски.

Тој најави дека наскоро ќе оди во Словенија, за да види „како таму стојат работите“:

– Ние од Југославија го зедовме најлошото – корупција и турбофолк, Словенците го зедоа најдоброто. Таму се каде што се. Го имаа еден Кучан, ги зедоа најубавите работи, прогресивните, културните работи од Југославија, Македонците зедоа турбофолк и корупција. Југославија се растури бедејќи не беше демократска земја, не се демократизираше, пионче на многу сили, вели Чаповски.

Целиот разговор погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот