ВИДЕО-АНКЕТА: Граѓаните поделени околу ефикасноста на системот за закажување за лични документи

Одделение за вадење на лични документи / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Задолжителното менување на личните документи според Преспанскиот договор го блокира Одделението за управни работи при МВР. Доколку ја немате заменето личната карта, возачката дозвола или пасошот ќе треба да почекате до декември бидејќи тогаш е првиот слободен термин.

Екипа на „Слободен печат“ направи анкета со граѓаните кои го чекаат својот термин за фотографирање. Граѓаните со поделени мислења за функционалноста на начинот на закажување на термин но сметаат дека рокот за замена на нови лични документи е прекраток.

За да се закаже онлајн термин за пасош, лична карта или возачка дозвола, може да се користи сајтот за e-Услуги (https://uslugi.gov.mk ), иако оние кои закажале преку овој сајт реагираат дека кога се појавиле на дадениот термин биле вратени бидејќи ги немало во систем. Друга варијанта за да се закаже онлајн термин е сајтот на МВР, иако граѓаните се жалат и велат дека е „намерно создаден за да не им заврши работа на граѓаните“.

Оние пак кој ќе се одлучат да закажат телефонски ќе треба да имаат поголемо трпение и да звонат упорно за да може да добијат некој од операторите. Вработените во кол центарот задолжени за закажување термини се жалат на условите за работа, а поради малиот број на вработени и годишните одмори не можат да постигнат и да ги услужат сите граѓани кои треба да ги променат своите лични документи.

Македонските граѓани од странство може да се јавуваат на економскиот оператор од надвор. Ако не сакаат да ги обновуваат личните документи во Македонија, може тоа да го сторат во странство преку амбасадите кои имаат базни станици каде што може да се сликаат.

Од МВР велат дека прават сѐ што е во нивна моќ сѐ со цел граѓаните да ги заменат личните документи до предвидениот рок.

„МВР, максимално искористувајќи ги сите капацитети, работејќи и за викенди и за празници, ги презема сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи“, информираат од МВР.

Од МВР потсетуваат дека доколку граѓаните имаат итна потреба од документи, постои итна постапка преку која може веднаш да се добијат бараните документи.

Освен промената на важечките документи, граѓаните сега за нив ќе плаќаат и повисока цена, откако Владата во март донесе таква одлука. Личната карта поскапе за 120 денари и сега чини 310 денари. Слично поскапување има и кај возачките дозволи кои сега чинат 410 наместо 280 денари. Пасошите за лица до 27 денари чинат исто, но постарите ќе треба да платат 500 денари плус, односно 2.000 денари.

Граѓаните имаат законска обврска според Преспанскиот договор да ги заменат своите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име – Република Северна Македонија. Доколку нема да се заменат личните документи веќе од февруари истите нема да бидат важечки.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот