ВИДЕО | Андоновиќ: Предизборни тензии во САД, најави за светска и за граѓанска војна?

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

„Слабоста и предавството“ на претседателот Џо Бајден се виновни за смртоносниот напад со дрон во Јордан во кој загина тројца американски војници.

Ова е оценката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп кој коментирајќи го овој најнов инцидент изјави дека нападот е, како што кажа, ужасна и трагична последица на слабоста и предавството на Џо Бајден.

Во посебна изјава објавена од кампањата на Трамп во неделата, поранешниот претседател го пофали својот однос со Иран, во време додека беше претседател на САД.

„Пред три години Иран беше слаб, банкротиран и целосно под контрола. Благодарение на мојата политика на максимален притисок, иранскиот режим едвај собра два долари за да ги финансира своите терористички сојузници“, напиша Трамп и додаде:

„Потоа дојде тој, Џо Бајден му даде на Иран милијарди долари, кои режимот ги искористи за да шири крвопролевање и масакр низ Блискиот Исток“.

Нападите врз американските трупи на Блискиот исток се случија спорадично за време на мандатот на Трамп, вклучително и во 2020 година, кога во ракетен напад врз воздушна база во Ирак загинаа двајца Американци и еден британски државјанин.

Во нападот беа ранети повеќе од 11 лица. Трамп постојано го обвинуваше Бајден дека е „слаб лидер“ и тврди дека другите светски конфликти се поврзани со „слабата“ перцепција на светот за претседателот и САД.

„Овој напад никогаш немаше да се случи ако јас бев претседател, исто како што никогаш немаше да се случи нападот врз Хамас поддржан од Иран, војната во Украина никогаш немаше да се случи и сега ќе имавме светски мир. Наместо тоа, ние сме на работ од Третата светска војна“, напиша Трамп.

Покрај реториката дека светот се наоѓа на раб од светска војна, изминативе денови во светските медиуми многумина политичари и аналитичари  предупредија дека САД можеби се во опасност и од можна граѓанска војна.

Се работи за одлуката на воениот оддел на сојузната американска држава Тексас која упати повик до доброволци да патролираат на границата со Мексико во „подрачја со висок ризик“ за да ги спречат криминалните банди илегално да шверцуваат луѓе и дрога во државата.

„Операцијата која беше наречена Осамена Ѕвезда ги здружува силите со Армијата на Тексас и Одделот за јавна безбедност за да распореди агенти за граничната патрола во области со висока закана за да ја наруши способноста на криминалните организации да шверцуваат луѓе и дрога во Тексас“, се вели во соопштението.

Организаторите на мисијата отворија нови работни места, а најавија и воведување низа поволности за волонтерите и подготвеност да ги покријат трошоците за нивното сместување и храна.

Сето ова уследи откако администрацијата предводена од претседателот Џо Бајден, влезе во директна конфронтација со властите во Тексас околу мерките за безбедност на границата кон Мексико.

Властите во Тексас инсистираат на тоа дека границата не е соодветно обезбедена и дозволува рекорден број илегални имигранти да влезат во САД. Американската администрација ги нарекува мерките преземени од локалните власти неуставни и прекумерни.

Добрите познавачи на состојбите сметаат дека се работи за политичка игра и предизборни потези на гувернерот на Тексас Грег Абот и значителен дел од Републиканската партија за конечно заострување на федералните критериуми за контрола на границите кои се под јурисдикција на администрацијата на Џо Бајден.

Имено според тамошните процедури граничната патрола може да спречи некого да влезе, но тоа не го прави туку го носи во тамошните погранични собирни центри од каде по извесно време овие мигранти се ослободуваат со обврска да одговорат на повикот на поканата на Имиграциониот суд, што, според властите на Тексас не се случува редовно.

Републиканскиот гувернерот Абот веќе изјави дека „Тексас е изложен на инвазија“ и дека федералната влада потфрлила во својата одговорност да го спречи тоа.

Овие изјави се базираат врз податоците дека САД забележале рекордно ниво на илегална миграција во последните месеци, при што граничните службеници досега евидентирале 302.000 илегални премини минатиот декември, што е најголем број на мигранти во еден месец.

Сите овие потези и целата оваа реторика се припишува на предизборната атмосфера во САД за изборите за нов претседател на САД.

Иако сè уште траат внатрепартиските битки за номинација на кандидатите, се поизвесно е дека актуелниот претседател Бајден од редовите на демократите, и поранешниот претседател на САД Трамп од републиканците, повторно ќе ги одмерат силите на претседателските избори закажани за ноември оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот