ВИДЕО | Андоновиќ: Изборен дебакл на Курти, опозицијата и Србите апсолутни победници на изборите

Косово избори 2021/ Фото: МИА

Изборен дебакл на владеачката партија „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти. На вчерашниот втор круг од локалните избори на Косово, „Самоопределување“ освои само 4 од вкпуно 38 општини на Косово.

Курти ги загуби изборите и во неколку општини иако во првиот изборен круг имаше благо водство.
Главниот град на Косово, Приштина, во наредните четири години ќе биде воден од градоначалник од редовите на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), архитектот Прпарим Рама, кој во вчерашното прегласување за локалните избори 2021 го победи ривалот од владејачкото Движење самоопределување (ВВ), доскорешниот министер за здравство, Арбен Витиа, со 51,07 наспроти 48,93 отсто од освоените гласови.

Покрај Приштина, опозицицијата ги освои и повеќето од поголемите градови, како Призрен, Урошевац, Митровица, Ѓаковица, Пеќ и други, додека на партијата на Курти ѝ остана да се задоволи со Гњилане и уште три помали општини.

Што се однесува до партиите на косовските Албанци, најдобар резултат забележа најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), на поранешниот претседател Хашим Тачи со девет освоени општини. Следат ЛДК на некогашниот косовски лидер Ибрахим Ругова со седум, Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај со пет и ВВ На Курти со четворица градоначалници. По една општина освоија вонпарламентарната Социјалдемократска иницијатива (Нисма) и еден независен кандидат.

Според конечните резултати, најголем успех постигна партијата на косовските Срби, Српска листа. Оваа партија, која ја има отворената поддршка од официјален Белград и за која кај косовските Срби, меѓу другите, повикува да се гласа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги доби сите десет општини со мнозинско српско население, од кои девет во првиот круг, одржан на 17 октомври, и еден во вчерашното прегласување.

По вчерашниот втор круг градоначалнички избори во Косово, се потврди драстичниот пад на рејтингот на владејачката ВВ, која на парламентарните избори на 14 февруари годинава извојува убедлива победа, со освоени околу 51 отсто од гласовите.

Останува да се види какви ќе бидат последиците за идната политчка кариера на Курти по вчерашниот дебакл и колку тој ќе има капацитет да седне на иста маса на преговори со Белград за решавање на конечниот статус на Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот