ВИДЕО | Андоновиќ: Дали изјавата на Лукашенко е скриена порака на Путин кон Вучиќ?

Анализа на Дејан Андоновиќ / Фото Слободен печат

Денеска се навршуваат дваесет и осум години од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор кога во американската база Рајт Петерсон во Дејтон беше парафиран Општиот рамковен договор за мир во Босна и Херцеговина и неговите 12 анекси, со што заврши војната во Босна и Херцеговина и се воспостави уставниот и правниот поредок на земјата.

Овој договор ја создаде државната заедница на БиХ, составена од два ентитета, Република Српска и Федерацијата БиХ.

Дејтонскиот договор по тринеделни преговори го парафираа тогашните претседатели на Србија, Слободан Милошевиќ, Фрањо Туѓман од Хрватска и Алија Изетбеговиќ од Босна и Херцеговина.

Договорот беше парафиран во присуство на тогашниот американски државен секретар Ворен Кристофер, а посредници во преговорите беа Ричард Холбрук и генералот Весли Кларк.

Дејтонскиот договор беше официјално потпишан на 14 декември 1995 година во Елисејската палата во Париз. Денот на парадирањето на Дејтонскиот мировен договор во Република Српска се слави како државен празник и е неработен ден.

И по 28 години остануваат недоразбирањата меѓу двата ентитета, односно помеѓу Сараево каде се наоѓаат и федералните власти и Бања Лука која претставува главен град на српскиот ентитет наречен Република Српска и пред сè нејзиниот претседател Милорад Додик.

Додик и неговата политичка гарнитура се погласно негодуваат околу статусот на Србите во федерацијата и пред сè е во директен судир со претставникот на меѓународната заедница во Сараево Кристијан Шмит кого го сметаат дека води антисрпска политика и дека е нелегално поставен на оваа функција, односно без дозвола од СБ на ОН.

Додик подолго време најавува и отцепување на република Српска доколку продолжи оваа, како што тој ја доживува, антисрпска политика на меѓународната заедница. Инаку Додик се смета за близок соработник со рускиот претседател Путин и за многумина човек кој се обидува да спроведе одредена политичка агенда наложена од Кремљ.

По избувнувањето на војната во Украина и руската воена операција за анектирање на делови каде живее руското население, западот жестоко се конфронтираше со Москва влегувајќи во директен судир, преку давањето воена помош на Украина.

На политички план светот се подели за оние кои се со западот и го поддржуваат Киев и оние кои ја поддржуваат Москва. Претседателот на Р Српска нескриено се стави на страната на Русија зачествувајќи ги своите средби со рускиот претседател Путин во Москва.

За разлика од него, официјален Белград, и претседателот Вучиќ и покрај декларативно добрите односи со Русија и блиските лични релации со Путин, како да ги намали контактите и средбите со „големиот православен брат“.

Белград интензивно развива односи со Кина но и со ЕУ и САД, што можеби навестува дека блиските релации со Москва се во стагнација.

Како поткрепа на овој сомнеж дојде неочекуваната изјава на уште еден, можеби најблизок сојузник на Путин, белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Тој ја повика Србија да одлучи каков однос сака да има со неговата земја. На средбата со новите амбасадори на Белорусија во повеќе земји, меѓу кои и Србија, Лукашенко рекол дека е потребно да се види каква политика води и сака Србија кон Белорусија,

„Ако сакаат (соработка), тогаш мора да има резултати на полето на трговијата и економијата. Ако сакаат да мавнат со опашката, грубо кажано, и да ги поддржат европските и американските санкции против Белорусија, тоа е нивна работа, нека ги поддржат ако го заборавиле доброто од наша страна“, рекол Лукашенко.

Минатата година Србија се приклучи на санкциите што Европската унија ги воведе кон Белорусија, но во август годинава не ја испочитува одлуката на Европската унија за продолжување на санкциите против Минск.

Во моментов генералниот секретар на НАТО Столтенберг е во регионот на Западен Балкан. Откако е продолжена мисијата на СФОР во БиХ, Столтенберг најавува зголемување на бројот на НАТО силите на Косово со цел да се засили безбедноста во регионот. Сето ова укажува дека западот е прилично одлучен да ги заштити своите интереси во овој регион. Токму затоа, многумина сметаат дека во ова геостратешко надмудрување на релација Русија против Западот, секој сојузник е добредојден.

Оттаму, и оценката на дел од аналитичарите, кои не исклучуваат дека изјавата на Лукашенко за односите со Србија, всушност претставува порака на Путин кон Белград и пред сè кон српскиот претседател Вучиќ да се определи каква политика во иднина ќе води.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот