Вечерва се маршираше за мир во Газа

Фото: МИА, Протестен марш во Скопје за поддршка на палестинскиот народ во Газа

Дождот не ги поколеба членовите на дванаесет невладини организации обединети во Платформа за поддршка на Палестина да излезат вечерва на протестен марш за поддршка на палестинскиот народ во Газа. Маршот кој започна од пред споменикот против геноцидот во Сребреница кој се наоѓа во паркот во Чаир, продолжи низ булеварот „Цветан Димов“ се до Мурат Пашина џамија во Старата скопска чаршија, со скандирања за „итен прекин на огнот во Газа“, „стоп за убивањето на децата во Газа“,„стоп за поддршката на Израел“. Од Платформата бараат итен прекин на огнот и давање хуманитарна помош од буџетот на државата за поддршка на Газа.

Во име на заедничката Платформа на граѓански здруженија за поддршка на Палестина, Селма Ризвановиќ Мандал, во нејзиниот говор укажа дека војната во Газа не е почната на 7 октомври и дека не се убиени над 11 500 цивили туку многу повеќе.

„Палестинското прашање датира од 1948 година и за 75 години окупација, до сега се убиени над стотина илјади цивили во Газа и на Западниот Брег. Од 7 октомври до денес, на секои 10 минути Израел убива по едно дете во Газа. Ова не се само бројки, туку засекогаш затворени мали очиња, прерано згаснати животи на идни студенти, инженери, доктори, новинари, научници, уметници, писатели, сè што можете да си замислите, тоа никогаш нема да бидат. Децата во Газа имаат право на живот, децата во Газа имаат право на мирен сон“, изјави Ризвановиќ Мандал.

Според неа, бројката на жртви во Газа ја надмина онаа на геноцидот во Сребреница, кој беше осуден од страна на целиот свет и рече дека граѓаните се разочарани од воздржаното гласање во Обединетите нации.

„Од овој наш собир уште еднаш апелираме до претседателот, премиерот и претседателот на Собрание, да ги послушаат реакциите на граѓаните за прекин на огнот, за непочитување на меѓународното хуманитарно право, како и за испраќање хуманитарна помош од буџетот на државата. Не бидете неми на барањата кои уште пред 3 недели ви ги доставивме. Дајте одговор веднаш“, истакна Ризвановиќ Мандал.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот