Веапоска: Во судница зборуваа само за бубрегот, небаре ми ги оставија матката и јајникот!

Јалдиз Веапоска пред судот во Струга/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Родилката Јалдз Веапоска од Дебар, не е задоволна од последното рочиште за судскиот спор што се води против тројца лекари од струшката болница, кои при царски рез се осомничени дека примениле очигледно неподобно средство и придонеле таа да остане без матка, јајник и бубрег. Поради тоа нејзината здравствена состојба се влоши драстично и беше пренесена на скопските клиники каде ѝ беше спасен животот. На последното рочиште сведочеа професори од Институтот за судска медицина кои направија медицинско вештачење.

-Адвокатите ги прашуваа вештаците дали можело да ми прсне бубрежната артерија од тоа што сум имала висок крвен притисок, иако јас немав висок крвен притисок. Вештаците одговорија дека артеријата ми е оштетена а не дека прснала сама од себе. Но, не сум задоволна од текот на постапката зашто ме загрижува тоа што никој не праша зошто се извадени матката и јајникот. Значи се однесуваа како уште да ги имам тие органи иако ги немам. Само за бубрегот се зборуваше и ништо друго, изјави Веапоска за „Слободен печат“.

Таа додава дека според неа, не само лекарите кои се на обвинителна клупа туку и другите во болницата се одговорни за нејзината нарушена здравствена состојба. За потсетување, таа остана без матка, јајник и бубрег, а додека чека правда, имала уште една хируршка интервенција во која извадена и била жолчката.

-Мислам дека од денот на моето породување до денот кога излегов од таа болница, сите дежурни доктори внатре се одговорни зашто ниеден од нив не виде четири дена што се случува со мене и зошто крварам. Не само тие што беа во судница, туку и тие што беа во болницата. Зошто никој не обрна внимание на мене? Не е работата само за артеријата туку и за матката и јајникот поради што јас никогаш повторно нема да можам да бидам мајка. Професорите од судска медицина стојат на тоа што го имаат напишано во вештачењето. Професорката образложи дека артеријата е оштетена, четири дена сум оставена така. Но, многу ме загрижува тоа што обвинителот за третата обвинета, нема побарано и таа да биде опфатена во вештачењето, додаде Веапоска.

На следното рочиште кое ќе се одржи на 10 јули ќе биде повикан вештак на обвинетите лекари кој изготвил негово вештачење.
Адвокатот на Веапоска Сашо Јанев вели дека сите што презеле извршувања кои резултирале со настанување штета кај неговата клиентка треба да сносат санкции.

-Јас како полномошник сум пристрасен кога се однесува до мојата клиентка, меѓутоа ако се ставите себеси во нејзината позиција, да влезете здрав и да излезете од болница брз три органи, апсолутно треба да одговараат сите. Секој кој несовесно лекувал и се огрешил пред Законот треба да одговара, рече Јанев.
Следното рочиште од процесот кој се води против тројцата лекари, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска ќе се одржи на 10 јули.

Инспектори со полиција влегоа во куќата на лекарот што ја оперираше жената што остана без бубрег, матка и јајник

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот