Вакцините лазат, вирусот галопира

Фото: МИА

Во Македонија пристигнаа првите вакцини „Спутник“, кои што владата ги купи за борба против коронавирусот. Со специјален транспорт на скопскиот аердором пратката вчера ја примија министерот за здравство Венко Филипче и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин.

Вакцините се спакувани во соодветно пакување, со запазување на ладниот синџир кој треба да ја гарантира нивната безбедност. Оваа вакцина, за разлика од вакцината на „Фајзер“ не се чува на минус 70 степени, што ќе овозможи полесно да се складира. Инфраструктурата е подготвена да ја складира „Спутник“ на температура од минус 20 степени.

– По преземањето вакцината ќе се смести во нашите фрижидери, ќе се организира процесот на вакцинацијата во пунктовите во Здравствениот дом во Скопје, најверојатно во среда – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Во февруари годинава реномираното медицинско списание „Лансет“ објави студија според која оваа вакцина е ефикасна во повеќе од 90 отсто од случаите. Во трудот се заклучува дека вакцината е безбедна и може да заштити од смрт и хоспитализација како последица на ковид-19.

Русија прва одговори на барањата за вакцини кои земјава ги направи со сите производители. Унгарија прва ја одобри руската вакцина за употреба, а Словачка прими два милиони дози од Спутник. Словачкиот премиер Игор Матовиќ ги отфрли обвинувањата дека нарачувањето руски вакцини значи и руско геополитичко влијание.

До крајот на февруари, според најавите, требаше во Македонија да пристигнат 200 илјади дози од кинеската вакцина, но тоа не се случи. Процесот се одложи поради усогласување на документацијата. Сега се најавува дека имунизацијата во Македонија ќе почне во текот на март, иако на глобално ниво има проблем со производството и дистрибуцијата на вакцините поради преголемата побарувачка. Преку директен договор со производителот „Фајзер“ овој месец се очекува да пристигнат 21 илјада дози од вакцините на овој производител. Неизвесно е и кога механизмот КОВАКС ќе ги испорача вакцините за Македонија нарачани од произвдоителот „Астра Зенека“.

Досега во Македонија се вакцинирани само здравствените работници кои работат непосредно со инфицирани пациенти во ковид центрите, благодарение на фајзеровите вакцини што ни ги донираше Србија. Здравствените власти ја следат епидемиолошката состојба и не исклучуваат нови рестриктивни мерки поради порастот на новозаболени од коронавирусот. Меѓутоа, засега нема мерки, а следнава недела Комисијата за заштита на населението од заразни болести ќе заседава и ќе донесе одлука.

Во последните 24 часа, до вчера напладне, од направени 3.701 тестирања, регистрирани се 722 нови случаи, а девет лица починале, сите во болнички услови. Оздравени се 186 лица, а бројот на активни случаи изнесува 9.186.

Најголем број од новите случаи се инфицирани со британскиот сој на вирусот кој е за 70 проценти попренослив. Особено расте бројот на новозаболени во Скопје, Кавадарци, Охрид и Прилеп.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека болничките капацитети не се преполнети и засега има слободни кревети.

– Засега нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки, но воопшто не ја исклучувам можноста од воведувањето нови рестриктивни мерки – рече Филипче.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот