Уставниот суд одлучи во корист на штедачите: Сите имаат еднакви права при оштета

Фото: МИА

Уставниот суд денеска донесе одлука да го укине членот ставот 3 од членот 163 од Законот за банките, според кој приоритет во стечајната постапка имаат побарувањата на Фондот за осигурување на депозити. Уставниот суд постапуваше по иницијатива на Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи”.

Ставот 3 од членот 163 од делот на Законот за банки кој се однесува на стечајна постапка гласи: „Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители“.

Фондот за осигурување на депозити ги покрива само физичките лица кои имаат депозити до 30.000 евра, а правните лица и физичките лица кои имаат над 30.000 евра пријавуваат побарувања од стечајната маса.

„Уставниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната XIV-та седница (денeс, 25 мај 2021 година, со почеток од 9,30 часот), ја известува јавноста дека расправајќи по точките од дневниот ред одлучи да го укине член 163 став 3 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/201, 15/2015, 153/2015, 190/2016, 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/2019)“, соопшти кусо Уставниот суд.

Народна банка ѝ ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард Банка во август минатата година и веднаш потоа беше отворена стечајна постапка, а веќе во септември почна исплатата на средствата од Фондот за осигурување на депозити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот