Урсула фон дер Лајен ќе мора да понуди нешто што не може да се одбие

Урсула фон дер Лајен во македонското Собрание/ Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Претседателката на ЕК ќе ја затекне истата ситуација – власта и натаму тврди дека никој не врши притисок и дека мора да ги изгласаме уставните измени, опозицијата од која зависи дали процесот ќе биде откочен, гарантира дека измени на Уставот под бугарски диктат нема да има.

Иста политичка атмосфера како и при нејзиниот последен престој во земјава, можеби малку заострена, исти ставови и исти пораки ќе ја дочекаат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на крајот на месецов во Скопје. Ако се суди според изјавите на политичарите, тешко дека Фон дер Лајен ќе успее да ги „поттурне“ уставните измени за чие усвојување времето брзо истекува.

Засега сите остануваат закопани во своите „ровови“ повторувајќи ги истите ставови – власта дека никој не врши притисок, сами треба да ги продолжиме преговорите со ЕУ, опозицијата од која зависи дали процесот ќе биде откочен вели дека измени на Уставот под бугарски диктат нема да има. Претставници на власта сѐ уште се надеваат и повикуваат на донесување на уставните измени, односно за внесување на Бугарите во Уставот, што е услов за евроинтегративниот процес и, како што велат, за целосна европеизација на нашето општество. Но, шефот на државата Стево Пендаровски повторно тврди дека измените на Уставот нема да бидат изгласани за помалку од десетина дена, кога ќе дојде Фон дер Лајен.

– Јас сум добро информиран реалист. Да беше поинаку, нешто во Парламентот ќе требаше да се случи. Не гледам индикации за такво нешто. Осум луѓе (колку што се потребни за да се постигне двотретинско мнозинство) не може да паднат од небо. Сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ имаат потпишано изјави заверени на нотар дека нема да гласаат за измени на Уставот, иако тие немаат законска тежина и претпоставувам дека тоа е само пиар – вели Пендаровски.

Како ќе се постави ВМРО-ДПМНЕ, најголемата опозициската партија, на средба со Фон дер Лајен, доколку до не а дојде, и што ќе бара, појаснува пратеникот од нејзините редови, Антонио Милошоски.

– Од претседателката на Европската комисија очекуваме да даде појасни позиции во врска со предлогот на францускиот претседател за ЕУ со повеќе брзини, во која различни членки би имале различно ниво на интеграција и различен статус во европските институции – вели Милошоски во изјава за „Слободен печат“.

За неговата партија би било корисно да се слушне процена за тоа колку години би биле потребни за завршување на институционалните реформи на ЕУ, кои Брисел ги смета за неопходен услов за да продолжи процесот на проширување.

– Во врска со Македонија, доколку имаме можност како политичка партија или како пратеничка група, ќе ѝ го пренесеме нашиот аргументиран став дека измени на Уставот по диктат од трета држава не е европска вредност и тоа е една од причините зошто нема да се случи. Мојата скромна процена е дека колку повеќе овој непринципиелен услов се турка на мускули, толку повеќе се иритира општество и се добива контраефект, бидејќи 80 отсто од граѓаните се против ваквите уцени – додава Милошоски.

И додека премиерот Димитар Ковачевски уверува дека никому не му се врши притисок, одговарајќи на прашање во врска со посетата на Фон дер Лајен, дел од експертите со став дека во сегашниот политички амбиент доаѓањето на политички функционери нема да ја заврши работата, напротив.

– Мислам дека доаѓање на политички функционери е контрапродуктивно како што во еден момент и за Преспанскиот договор присуството на премногу дипломати и странски претставници имаше контраефект. Тогаш тоа беше доживеано како нефер притисок и мислам дека и во овој случај после повеќето испратени пораки од меѓународната заедница ефектот од тие испратени охрабрувања веќе оди во спротивна насока – смета Марко Трошановски од Институтот за демократија за „Слободен печат“.

Според него, дополнителен аргумент за ова е што проблемот сега е многу, многу посериозен отколку во времето на Преспанскиот договор.

– Во суштина проблемот се сведува на консензус кој треба да се изгради помеѓу партиите што за жал не е започнат, а Владата презема обврски кои очигледно нема моќ да ги испорача – додава Трошановски.

Тој не очекува од претседателката на Европската комисија некоја нова, посебна порака, ниту, пак, дека ќе се создаде институционална или правна можност за подобрување на преговарачката рамка, што би ја убедила опозицијата да гласа во оваа фаза.

– Можеби ако се понуди некој дополнителен финансиски пакет или слично, но тоа не е проблемот ниту, пак, решението за ситуацијата во која што се наоѓа нашето општество – смета Трошановски.

Во меѓувреме, евроамбасадорот Дејвид Гир уште еднаш порача дека ЕУ дава силна поддршка за европската иднина на земјава, но дека од овдешните политички фактори зависи во кој правец ќе се движи таа. Притоа потсети дека Македонија има уште два месеца до европскиот самит во декември, време во кое треба да го промени Уставот за да го продолжи европскиот пат. Ако не го направи тоа ќе остане на првиот чекор од европската врата, а Албанија официјално ќе ги почне преговорите по кластери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот