Универзална сала се распаѓа пред очите на скопјани, две години не е закована ниту една шајка

Фото: Слободен печат

Времето поминува, а од Министерството нема одговор кога ќе продолжи реконструкцијата и дали има некој проблем што сѐ уште ништо не е започнато. Оттаму за „Слободен печат“ тврдат дека овој процес не зависи од нив.

Веќе поминува седмиот месец откако минатиот јули градските советници изгласаа на Министерството за култура времено да му биде отстапено корисничкото право врз Универзална сала. Министерството треба да ја заврши реконструкцијата на култната сала, а потоа повторно да му ја врати на Град Скопје.

Оттогаш до сега работите не се мрднати од место. На салата повеќе од две години не е закована ниту една шајка, а и она што дотогаш беше направено е оставено незаштитено да пропаѓа. Оградена со лимени огради, пред очите на скопјани пропаѓа салата која за градот има особено значење. Сега, отаде тарабите стои соголен објектот, околу него купишта железа и отпад, сведочејќи за целата негрижа кон еден од симболите на главниот град.

За реконструкцијата на Универзална сала, пред две и пол години Владата обезбеди 120 милиони денари или околу два милиони евра, со кои требаше да се реконструира надворешноста на објектот. Работите почнаа и запреа и сега не се знае колку од тие пари се вложени во досегашната реконструкција и што може сега со нив да се направи имајќи предвид дека во меѓувреме сериозно се зголеми цената на градежните материјали.

Откако градоначалничката Данела Арсовска ги запре градежните работи поради, како што рече, пропусти во проектот, потоа ниту се направи нов проект, ниту се најде некое друго решение. Дури и советниците едвај се согласија реконструкцијата да ја преземе Министерството за култура, кога веќе Градот не беше во состојба да ја изведе.

Решение за Универзална сала сѐ уште нема, се распаѓа и тоа што беше реконструирано

Но, времето поминува, а од Министерството нема одговор кога ќе продолжи реконструкцијата и дали има некој проблем што сѐ уште ништо не е започнато.
Оттаму за „Слободен печат“ тврдат дека овој процес не зависи од нив.

Министерството за култура ги презема сите потребни административни чекори за да се обезбеди целата потребна документација. Ефикасноста на процесот не зависи од Министерството за култура, но ве информираме дека процесот е во тек и очекуваме во скоро време да ги имаме информациите за јавноста околу отпочнување на реконструкцијата на Универзална сала – велат од Министерството.

Пред речиси два месеца конечно беше потпишан договорот со градоначалничката Данела Арсовска и требаше да се заврши примопредавањето на средствата од посебната сметка на Град Скопје во централниот буџет, па во Министерството за култура. Покрај овие пари, обезбедени од Владата, како што најави министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, Министерството имало предвидено и дополнителни средства за наредната година со цел реконструкцијата на Универзалната сала да се заврши комплетно. Според процените на министерката реконструкцијата би траела околу три години.

Сега сме на чекор до претседателските и парламентарни избори, па речиси е неверојатно дека долгоочекуваната реконструкција ќе продолжи во овој период. Потоа пак, доколку дојде до промена на актуелната министерка, веројатно постапките и процедурите одново ќе се разгледуваат.

Универзалната сала е затворена за концерти, театарски претстави и други случувања од областа на културата од март 2015 година, значи цели девет години, кога поради обилните дождови и прокиснување на кровот, почнаа да паѓаат делови од таванот. Нејзината обнова, откако претходно се сменија неколку проекти, па дури и се размислуваше за нејзино уривање, почна на крајот од мандатот на градоначалникот Петре Шилегов, а запре кога раководството со градската администрација го презема Данела Арсовска, поради тоа што, според неа, проектот имал грешки и не бил безбеден.

ВИДЕО: Универзална сала остана „непипната“ цела година, пред лимените тараби граѓаните си направија див паркинг

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот