УНЕСКО бара глобална забрана за смартфони во училиштата

Новата технологија може да биде полезна само ако се користи правилно - Фотографија ЕПА, Патрик Зегер

Претераното користење на смартфони е поврзано со намален успех на учениците, а долгото време поминато на паметните уреди има негативен ефект на емотивната стабилност на децата

Во училиштата треба да бидат забранети смартфоните, зашто ги попречуваат децата да учат, а и ги изложува на насилства, препорачува УНЕСКО.

Повикот за глобална забрана за смартфони во училиштата, Агенцијата на Обединетите нации за образование, наука и култура ја поткрепува со научни докази дека претераното користење смартфони е поврзано со намален успех на учениците, а долгото време поминато на паметните уреди има негативен ефект на емотивната стабилност на децата.

– Повикот за забрана на смартфони во училиштата воедно е јасна порака дека дигиталната технологија во целост, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција, секогаш треба да биде во втор план, зад хуманоцентричната образовна визија, и никогаш не треба да ја замени интеракцијата лице в лице со наставниците – наведува УНЕСКО.

Агенцијата на ОН предупредува на непромислено прифаќање на дигиталната технологија.

– Промените не секогаш значат напредок. Само поради тоа што нешто може да биде направено не значи дека и треба да биде направено – се наведува во извештајот.

Забележувајќи дека ограничувањата воведени поради пандемијата на ковид-19 продонесле за посетување настава од далечина, УНЕСКО ги повикува надлежните институции да не ја игнорираат социјалната димензија на образованието, кога предавачот директно го изложува материјалот, а учениците и студентите непосредно комуницираат.

– Тие што бараат да се засили индивидуализацијата забораваат на суштината на образованието. Дигиталната револуција има неизмерен потенцијал, но како што има повици дека треба да се регулира во општеството, слично внимание мора да се посвети на начинот на кој се користи во образованието. Таа мора да се користи за надградени искуства при учењето и за благосостојбата на учениците и на наставниците, не на нивна штета. Поврзувањето онлајн не може да биде замена за меѓучовечката интеракција – вели Одри Азулај, генералната директорка на УНЕСКО.

Во извештајот им се препорачува на земјите да дефинираат јасни цели и принципи за да се обезбеди полза од дигиталната технологија во образованието и воедно да се избегнат повреди, и на здравјето на учениците и пошироко на демократијата и на човековите права – преку нарушување на приватноста, следење и ширење омраза.

– Претераното или несоодветното користење на технологијата во училниците и во домовите, без оглед дали станува збор за смартфони, лаптопи или таблети, може да го одвраќа вниманието и да остави негативни последици врз учењето – се наведува во извештајот, повикувајќи се на обемно меѓународно истражување.

УНЕСКО прифаќа дека новите технологии отвораат можности за образование на милиони деца, но и дека ползата е нерамномерно распределена, бидејќи многу сиромашни средини не можат да си дозволат скапа дигитална образовна инфраструктура. За време на пандемијата, кога 1 милијарда ученици и студенти се префрлија на настава на дигитални платформи, стотици милиони ученици без пристап до интернет биле целосно изолирани од процесот.

Агенцијата оспорува многу неодамнешни истражувања за ползата од дигитализацијата во образованието, наведувајќи дека студиите биле финансирани од приватни компании што настојуваат да продадат производи за дигитално образование.

– Зголеменото влијание на производителите врз образовната политика низ светот е причина за загриженост – се наведува во извештајот.

Како чекор во позитивна насока се истакнува примерот на Кина, која постави ограничувања за користењето дигитални уреди при наставниот процес, ограничувајќи ги на 30 отсто од времето на наставата, со задолжителни периодични одмори, за да не поминат предолго време децата пред мониторите.

Врз основа на анализи на 200 образовни системи, УНЕСКО проценува дека секоја шеста земја забранува смартфони во училиштата, со закони или препораки. Франција ја воведе забраната во 2018 година, а Холандија ја најави од 2024 година.

– Учениците мора да бидат способни да се концентрираат и мора да им дадеме можност да учат добро. Мобилните телефони само пречат, покажуваат научните истражувања. Мораме да ги заштитиме учениците – изјави холандскиот министер за образование Роберт Дајкграф, најавувајќи ја забраната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот