Уметност и хуманизам: „Театар Пи“ го реализираше проектот „Прозорците што се смеат“

Центарот за изведувачки уметности и едукација „Театар Пи“ од Скопје на 3 декември ја постави изложбата „Прозорците што се смеат“ на плоштадот пред Дом Ибни Пајко, додека на 18 декември онлајн го прикажа истоимениот документарен филм.

Независниот „Театар Пи“ е основан во 2012 година од актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска. Идејата за создавање на театарот произлегла од нивната потребата за истражување и експериментирање во алтернативниот простор на театарската уметност во интеракција со сите други уметности.

– Сметаме дека мултимедијалноста на изразните средства и алатки во досегашните наши претстави успева кај публиката, како и кај актерите, да резонира на еден поразличен начин од конвенционалниот театар, но без да ја загуби основата на театарската уметност. Нашата трупа е создадена за да привлече уметници и публика кои имаат потреба да бараат нови изразни форми и таму некаде по пат почнавме да создаваме театарски приказни со лица со интелектуална попреченост. Низ алатките на театарот си дадовме шанса нам, а и на лицата со попреченост да ја истражуваме инклузивноста, кохезивноста и секојдневната проблематика во нивниот свет и како тој резонира во нас. Видовме дека имаме силна алатка со која лицата со интелектуална попреченост стануваат видливи за општеството, а тоа ни донесе радост. Ако ние уметниците, како едни од најактивните членови на општеството, не земеме учество во овој вид културно-социјални инклузии и не ги вклучиме во нивното секојдневие ќе пропуштиме еден многу моќен и магичен свет полн со љубов да остане таму некаде, по дома – велат од „Театар Пи“.

Влегувајќи во поразличен свет успеале од 2013 до 2019 година да реализираат осум претстави. За 2020 година планирале комплексна мултимедијална приказна, од која требало да извлечат материјали за театарска претстава, музички концерт и изложба на инсталации во соработка со дневниот центар за лица со интелектуална попреченост ЦПЛИП „Порака-Скопје“, но пандемијата на ковид-19 ги прекршила нивните планови.

– За сите театарски работници оваа година ќе остане како дупка во нивната кариера, но најдовме начин да излеземе од тој амбис и успеавме да ја реализираме идејата, која се трансформираше во онлајн концерт, онлајн документарец и изложба на отворено со наслов „Прозорците што се смеат“. Во процесот на работа учествуваа млади уметници, дефектолози, психолози и студенти од релевантната област, кои споделуваа заеднички цели: практикување, промовирање и спојување на уметноста со социјалната пракса како средство за инклузија на лицата со попреченост низ дијалог и промена со фокус на правата на ранливите групи да се изразат себеси и да ја добијат потребната социјална видливост, како и да се употреби креативниот капитал на ранливите групи за да им се помогне да станат интегриран дел од општеството – објаснија од „Театар Пи“.

Нивната мултимедијална платформа е поддржана од Град Скопје – одделение за социјална заштита и од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 61, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот