Уметничкиот проект „Човеколики неволји“ ќе биде претставен во КСП „Центар-Јадро“

Партиципативниот уметнички проект „Човеколики неволји“ е инициран од Ивана Мирчевска, а во проектот учествуваат Ангела Манчевска, Дијана Велковска, Ивана Самандова, Ивана Јовановска, Јован Гаковски, Кристијан Стефановски, Риџет Ферати и Христина Крстеска. Отворањето на изложбата е на 14 февруари, во 20 часот, во КСП „Центар-Јадро“.

Препознавајќи го пејзажот и неговите сочинители како активни посредувачи во креирањето на условите за живот, проектот се повикува на локалните еколошки предизвици, истражувајќи ги проблематичните граници меѓу формите создадени од човекот и нечовечките нешта.

„Човеколикувањето“, или антропоморфизирањето, претставува културна и визуелна практика на припишување човечки карактеристики на околината, најчесто женски атрибути, однесувања и појави. Всушност, човечкиот лик е отелотворен и во денешниот дискурс кој ја објаснува тековната планетарна состојба преку поимот на „Антропоцен“ (ера во која човечкото влијание доминира врз природниот тек на процесите на природата).

Проектот поаѓа од интеракцијата на учесниците со нивните не-човечки алтер-ега: водени тела, воздух, обликоменувач, мицелиумска мрежа, почва, коски и желка. Истражувајќи форми на меѓутелесна комуникација, вмрежување и заедништво, помеѓу учесниците и алтер-егата, како и помеѓу алтер-егата кога делуваат заедно, проектот обработува разни форми на уметнички процес и продукција, проследени со посета на локални индустриски урнатини (поранешната фабрика „Стаклара“ и населбата „Керамидница“), антропогените шуми како Гази Баба и Марково Крувче, неолитската населба Tумба Маџари, базенот на Езерото Треска и пермакултурната градина „Бостание“. Соработници на проектот се Ишјан Твин, Маја Цибрева, Амир Карахасан.

Ивана Мирчевска

Ивана Мирчевска (1992, Скопје) е визуелна уметница и истражувачка која работи преку слики во движење, текст и инсталација. Нејзиното истражување произлегува од спојот помеѓу технологиите на визуелизација и просторната конфигурација на погледот и телото.

Од 2014 Ивана Мирчевска е активен учесник во локалната независна и експериментална уметничка сцена. Таа е соосновач на фестивалот „Под земја полесно се дише“, платформа за ефемерни и експериментални уметнички практики курирана од колективот „Кула“.

Ивана има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности на отсек сликарство (2015) и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија (2018). Добитник на наградата „Денес“ за млад визуелн уметник (2022).

Проектот е спроведен во рамки на програмата „Места на дарежливост – трансформативни станици“ на КСП „Центар-Јадро“ со поддршка на Фондација отворено општество Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот