Уметнички дела со фокус на фауната се претставени во мултимедијалниот центар „Мала станица“

Изложбата е дел од циклусот „Од поинаков дискурс“

Во мултимедијалниот центар „Мала станица“ е поставена тематската изложба „Фауната во колекцијата на Националната галерија“ според концепт што го осмисли проф. д-р Иван Џепароски како втор дел од циклусот „Од поинаков дискурс“.

Второто издание на циклусот „Од поинаков дискурс“ е продолжение на првичната идеја за вклучување лица, интелектуалци чија дејност не е тесно врзана со ликовната уметност, критика и теорија, кои во соработка со кокуратор од галеријата ќе работат на тематика што ја задаваат, а е инспирирана од богатата колекција на Националната галерија.

– Целта е од поинаков дискурс да се пристапи кон толкување, систематизација и истражување на нашето културно благо. За првото издание го поканивме д-р Владимир Мартиновски, професор, поет, писател, есеист, раскажувач, теоретичар, книжевен преведувач кој ја предложи темата „Мустаќлии“. Изложбата беше реализирана во ноември 2019 година.

Воведувањето на надворешен „куратор“ кој не е од директна уметничка провиниенција, т.е. интелектуалец чии широки академски интереси индиректно ја вклучуваат визуелната уметност како писатели, философи, режисери, глумци итн. чиниме дека ќе понуди една поинаква пристапност, нестандардна тематика, специфичен паноптикум на гледање на методологиите во истражувањето или презентирањето на делата од нашата колекцијата. Поканетите куратори работат во тесна соработка со внатрешни куратори – кустоси во галеријата, и како резултат на нивната плодна работа ќе произлезат овие сесии на повеќегодишно осмислениот проект „Од поинаков дискурс“ – објаснува Ана Франговска, кокуратор на изложбата и виш кустос во Националната галерија.

Ана Франговска и Иван Џепароски

Второто издание на циклусот е со наслов „Фауната во колекцијата на Националната галерија“, и реализирано е со концепт што го осмисли проф. д-р Иван Џепароски, кој е фокусиран кон екокритичката и фаунокритичката имагинација во современата уметност.

На изложбата се претставени 80-ина дела од богатата колекција на Националната галерија и од југословенската и од националната ризница на ремек-дела, меѓу кои на Иван Мештровиќ, Крстo Хегедушиќ, Мило Милуновиќ, Иван Генералиќ, Весна Соколиќ, Рико Дебењак, Оливера Кангрга, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Боро Митриќески, Томо Владимирски, Димитар Пандилов Аврамовски, Владимир Георгиевски, Петар Мазев, Вана Урошевиќ и многу други.

Димитар Андонов Папрадишки, „Пејзаж“ (1897)

Во својот текст кон изложбата проф. д-р Џепароски напиша: „Она што се случува во последниве деценија-две во сферите на теоријата и на естетиката несомнено е појавувањето на еден своевиден теориски ’животински пресврт‘ (animal turn), сроден на поранешните лингвистички, постмодернистички, постколонијални, родови или дигитални пресврти, зашто оставањето на светот на животните на маргините на филозофските, антрополошките, социолошките, книжевните или на уметничките истражувања денес веќе не е можно, а појавувањето, пак, на низа мултидисциплинарни истражувања покажува дека разделувањето на човечкиот свет од светот на животните носи низа политички, еколошки, етички и биоетички проблеми кои бараат преосмислување на третманот и на претставата на животните во книжевните, а оттаму и во уметничките дела од минатото и од денешницата“, посочи Џепароски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 209, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.12.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот