Уметничка книга на Шејла Камериќ ќе биде промовирана во Музејот на современата уметност

Покана за промоцијата на уметничката книга во МСУ

Во Музејот на современата уметност во Скопје на 9 октомври, со почеток во 19.30 часот, ќе се одржи промоција на уметничката книга „Mother is a Bitch“ („Мајката е кучка“) на познатата босанска уметница Шејла Камериќ.

По минатогодишната изложба на Камериќ „Доаѓаме со поклон“, која КРИК и „Прво па женско“ заеднички со уметницата ја организираа во Националната галерија – Чифте Амам, оваа година, повторно во соработка помеѓу „Контрапунт“ / КРИК – фестивал за критичка култура, „Тиииит!Инк.“ / фестивал за феминистичка култура и акција – „Прво па женско“ ќе биде промовирана уметничката книга „Mother is a bitch / Мајката е кучка“ во авторство на Шејла Камериќ и пријателите, бидејќи за Камериќ најважно е плетењето на пријателските мрежи и наративи кои создаваат амбиент на закрила и взаемна поддршка.

Промоцијата ќе почне со разговор помеѓу уметницата Шејла Камериќ, уредничката Жива Клајндиенс, како и Јасмина Тумбас и Милица Радуловиќ. Воведничарка и модераторка на разговорот е Јованка Попова. Промоцијата ќе биде на англиски јазик, а ќе биде обезбеден симултан превод на македонски јазик.

Во текот на изминатите 25 години, Шејла Камериќ (р. Сараево 1976 година; живее и работи во Сараево, Берлин и Истра) создаде извонреден број уметнички дела засновани на гестови за самопретставување. Тие ја откриваат трајната верност на Камериќ кон темата на автопортретирање и нејзиното неконвенционално разбирање на оваа автореферентна практика.

Книгата „Mother is a Bitch / Мајката е кучка“ обединува текстови и слики кои се одразуваат на повеќеслојната практика на Камериќ, следејќи ги двете главни линии во суштината на нејзиното творештво: автопортрети и текстилни дела. Овие уметнички дела се засноваат на сопствените искуства, сеќавања и соништа на Камериќ кои нѐ водат во глобалните простори на раселување и дискриминација.

Тие се гледаат низ леќите на родот, трудот, миграцијата, класата и грижата, а проткаени се со испреплетени темпоралности – минатото и сегашноста. Инспирирани од écriture feminine, или „женското писмо“ на Хелен Сиксу – теорија на феминистичката филозофија која комбинира елементи на психоанализа, книжевна теорија и постапка на деконструкција – автор(к)ите на книгата ги сметаат актите на пишување како субверзија на патријархалните императиви.

Приложените текстови се преплетуваат и проникнуваат, графички и тематски, и се поставени во релација со репродукции на делата на Камериќ, конфронтирајќи теми како што се вештерство, феминизам, саморефлексија, самоистражување и само-експлоатација.

Во однос на овие и други теми, како и во однос на делото на Камериќ, во книгата рефлектираат: Хана Ќурак, Искра Гешоска, Јана Коцевска, Еди Мука, Наталија Пауниќ, Линда Пајц, Бојана Пејиќ, Никола Петек, Магдалена Радомска, Милица Радуловиќ, Матилде Сандларц, Милица Тракиловиќ, Адријана Транца, Јасмина Тумбас, а уредничка на ова исклучително уметничко и текстуално дело е Жива Клајндинст.

„Контрапункт“ и фестивалот КРИК се поддржани од Министерството за култура на Северна Македонија, Гете институтот, Европската Унија преку проектите на „Креативна Европа“, „Re-Imagine Europe“ и „Peripheral Visions“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот