Улогата на пудрата за евро-пенетрација

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Не е лесно да се биде француски амбасадор во Скопје изминативе неколку недели. Од една страна, мора дневно да се менаџираат конфликтните и контроверзни ставови за проширувањето на ЕУ кои доаѓаат од различни центри на моќ во Париз (на пример, оние на Сенатот, наспроти претседателскиот став); од друга страна, тоа треба да се прави со една амбасадорска поза на принципиелност, која кај сегашниот француски амбасадор доаѓа како неодолива мешавина од симпатичност и жовијалност, лесно обоени со една напудрена француска помпезност.

На сите им е јасно дека за потребите на преобмислувањето на ЕУ преку политиката на Макрон нема логичен начин како да се оправда – au contraire,  напротив –каприциозното евро-интегративно француско вето за Македонија. Како и да ја завртиш, таа приказна не држи вода. Импресивен е бројот и кредибилитетот на меѓународните поддржувачи кои сега инсистираат на добивање датум за отворање преговори на Македонија со ЕУ. Просто, мерак да ти дојде, кога причините и последиците од ова про-македонско евро-лицитирање не би биле толку непријатни по нас.

А потоа и онаа неодипломатска забелешка на пратеникот Мухамед Зеќири за влијанијата што ги трпи и квалитетот на домашните безбедносни извори на кои е изложен сегашниот француски амбасадор, што може да ви го потврдат сите кои барем малку под површината ги следат случувањата во овдешниот дипломатски кор. Ставањето на располагање на тој удбашки круг, со кој искрено соработуваше поранешниот претседател Иванов, на континуирана услуга на овдешните француски амбасадори прави штети кои не се мерат само во нивниот политикантски капацитет за производство на афери, скандали, политички манипулации и „лепливи“ озборувања; туку радиоактивно ве изложува на разорните источни идеолошки и политички влијанија коишто струјат низ Македонија од српскиот север и од рускиот исток на европската балканска политика.

Се чини дека Французите никако не можат да ги еманципираат своите модерни политики за Балканот без да се потпираат на своите столетни, макар и компромитирани регионални сојузништва и комбинаторики. Ах, да: и да се, во принцип, барем малку против американските современи политики за југот на Европа. Со многу пудра и принципиелно пуфкање!

Следствено, така некако му излегува, со години по ред СДСМ не може да најде искрена дипломатска поддршка што би дошла од Париз. Познавав француски дипломати кои, со еден Наполеоновски сентимент по мали, но силни лидери, не можеа да го прежалат падот на Груевски и неговото „државата-тоа-сум-јас“ владеење речиси до самиот негов грд крај. Не дека со тоа имале некакво решавачко влијание врз овдешните процеси – оти, кај можеш ти на Американците и нивната јасна хамбургер-дипломатија да им ја објасниш гастрономската важност на префинетите бешамел, еспањол и холандез сосеви! Ама, колку да ја пресолат манџата, за тоа Французите, еве, не ја пропуштаат и оваа прилика.

Сакам да кажам, Франција е добар пријател на Македонија. Кога работите не зависат од неа. Тогаш, пак, кога зависат, секогаш е подготвена за некоја дополнителна компликација. Не од лоши намери, туку од принцип. Како мали, љубопитни деца кои ќе го растурат џепниот часовник за да видат како работи. После оставаат друг да го склопува и да ги бара по тепихот изгубените делчиња. Ни го губат времето.

 

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот