Удар од ЛДП во незгоден момент

Како „удар од ЛДП“ и одлука донесена во „најнезгоден момент“ го оцени  денеска премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ставот на коалицискиот партнер Либерално-демократската партија дека нејзините двајца пратеници, Боби Мојсовски и Моника Зајкова, во иднина ќе настапуваат самостојно во парламентот, надвор од Коалицијата „Можеме“.

Во соопштението на ЛДП беше речено дека Централниот одбор на партијата ја донел оваа одлука уште пред седум месеци, но дека поради објективни причини, не можела досега да се реализира.

„Како партија донесовме одлука уште пред седум месеци за самостојно делување во македонскиот парламент заради подобро претставување на либералните вредности и поголем простор за дејствување на нашите пратеници. Тоа за нас претставува демократски потег и не е поврзано со дневнополитички теми. Оставивме доволно простор за имплементација на оваа одлука. ЛДП како и нејзините пратеници и понатаму ќе продолжат да ја поддржуваат Владата, а тоа ќе се потврди и со гласањето доверба на министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ“, пишува во соопштението од ЛДП.

Заев ја оцени оваа одлука на ЛДП како легитимна, но смета дека не е соодветна во време кога опозицијата зборува за ново парламентарно мнозинство.

– Одлуката на ЛДП е донесена уште во текот на формирањето на владината коалиција и чекаа соодветен момент. Објаснувањето за ова е дека сакаат да имаат поголема видливост, бидејќи наводно помалите партии се претопени во поголемите и го разбирам тоа. Ваквиот исчекор на ЛДП е повредување на коалицискиот или на заедничкиот настап. Не е потребно сега, можело да се почека 15 дена или месец дена, ама ЛДП е партија и сама си одлучува за тоа. Ова го сметам за удар врз СДСМ, бидејќи времето не соодветно за таква одлука – рече Заев.

Според неофицијални партиски информации, дел од членството било крајно изненадено од партиското соопштение, бидејќи претходно не биле известени за моментот кога оваа одлука ќе биде реализирана. Извори на ЛДП велат дека претседателот на партијата Горан Милевски не ги информирал дури ни двајцата пратеници дека ќе ја активира  одлуката.
Пратеникот на ЛДП Боби Мојсовски за „Слободен печат“ вели дека ќе ја почитува  партиската одлука.

– До претседателот на Парламентот сè уште немаме доставено официјална информација дека излегуваме од пратеничката група на собраниското мнозинство. Сè додека не го известиме спикерот Џафери, ние сме дел од коалицијата „Можеме“ – вели Мојсовски.  

Набргу по формирањето на Владата слична одлука донесе и партијата Беса – дека ќе дејствува независно, но ќе ја поддржува Коалицијата „Можеме“. Беса во Собранието има четворица пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот