
Уапсениот бизнисмен Марковски не оди во ефективен притвор, битолскиот суд му одреди куќен
Основниот суд во Битола не го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за определување мерка притвор за двајцата осомничени во предметот за злоупотреби со јавни набавки во РЕК Битола, туку наместо тоа им одреди куќен притвор. Се работи за бизнисменот Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, како и за еден раководител од ПЕ „Рудници“ при РЕК Битола.
Препорачано
Од Обвинителството реагираа на ваквата одлука, велејќи дека не се согласуваат и дека ќе поднесат жалба, со барање на сите осомничени да им се одреди ефективен притвор.
„Особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, од кои едниот поседува и значителен имот во друга држава, Обвинителството смета дека мерката куќен притвор не е соодветна“, велат од ОЈО Битола.
Битолското обвинителство отвори предмет против осум физички и едно правно лице за злоупотреби при јавни набавки во РЕК Битола.
Според досегашните информации, бизнисменот Марковски, поранешниот директор на РЕК Битола Пеце Матевски и уште неколкумина други поранешни раководители во РЕК се осомничени за местење тендер вреден 100 милиони денари или 1,6 милиони евра, кој бил платен од државниот буџет.
Од АД ЕСМ вчера преку соопштение ја информираа јавноста дека ниту еден член од тековното раководство на РЕК „Битола“ не е приведен, ниту е инволвиран во тековната постапка.
– Приведените лица се дел од поранешното раководство на РЕК „Битола“, а постапката што ја водат надлежните органи се однесува на дејствија и одлуки донесени во претходниот период, пред сегашното раководство да ја преземе функцијата. Го охрабруваме целосното расветлување на случајот и изразуваме поддршка за институциите во спроведување на законските процедури, со цел утврдување на фактичката состојба – велат од АД ЕСМ.
Во изминатите десетина години, фирмата „Марковски компани“ доби тендери од ЕСМ вредни десетици милиони евра.