Трите малолетнички отпуштени од затворот Идризово, сѐ уште нема институција исклучиво за девојчиња, само за момчиња

Затворот во Идризово, Фото: МИА

Во моментов во Воспитно-поправниот дом Идризово, каде се сместуваат женски деца, кои дошле во судир со законот, а на кои им е изречена казна упатување во воспитно поправен дом, нема штитенички, бидејќи на трите девојчиња, кои биле таму им е истечена мерката. Во ВПД-Идризово, девојчињата се сместуваат во посебен простор, кој сепак е дел од затворот и кој не е прилагоден за издржување на оваа мерка, така што штитеничките, кои пристигнуваат таму всушнот се изложени на влијанија од полнолетните женски лица, кои издржуваат мерка затвор.

Судијата Лазар Нанев денеска на прашање на МИА за условите на девојчињата во ВПД информира дека од минатата недела сите деца, женски, коишто се наоѓале во одвоениот дел во Идризово, се отпуштени и нагласи дека државата, односно правосудниот систем успеал да креира нови алатки.

-Тоа е уште еден показател дека сме заеднички посветени, правосудниот систем и државните органи да создаваме услови во средините, односно во семејството каде што доаѓаат децата. И ова е еден показател односно една стратегија каде што центрите за социјална работа ќе ја имаат клучната улога во благосостојбата и најдобриот интерес на децата, истакна Нанев на маргините на денешната промоција на Националната стратегија за превенција и правда за децата 2022 – 2026 година и Акциски план 2022-2023 година.

На прашањето што доколку има потреба од упатување на други девојчиња во ВПД, Нанев рече дека се уште нема институција исклучиво за девојчињата, бидејќи ВП Домот во Волковија е само за момчиња, така што тие би биле сместени повторно во Идризово.

-Не можат да бидат сместени и девојчињата и момчињата во иста градежна целина. Исто ќе бидат сместени. Ние се уште немаме посебна институција исклучиво за женски лица и нормално најголемиот дел од критиките доаѓа токму од меѓународната заедница во која насока треба да се движи државата. Една од нашите активности е токму во делот дека државата мора во наредниот временски период да изнајде решение односно да создаде институција која што според своите архитектонски градежни решенија ќе биде издвоена од КПД Идризово каде што казната ја издржуваат полнолетни машки и женски лица, додаде Нанев.

-Секое дете заслужува да биде на соодветен начин заштитено во системот. Секое дете заслужува неговите потреби да бидат приоритет за институциите. Секое дете заслужува да биде поштедено од какво било однесување коешто води кон некаков облик на дискриминација, маргинилизација, виктимизираност или секундарна виктимизација, истакна министерот за правда Никола Тупанчевски на промоцијата на Националната стратегија за превенција и правда за децата 2022 – 2026 година и Акциски план 2022-2023 година, кој документ е изготвен од Државниот совет за превенција на детското претставништво со поддршка на УНИЦЕФ и ЕУ.

Тој нагласи дека особено е важно што Стратегијата се однесува на децата во ризик, на децата во судир со законот и на децата сведоци и жртви.

-Стратегијата се донесува во пресрет на новиот закон за правда за децата и претставува исклучително важен документ единствен од ваков вид во државата, а што произлегува од специфичните надлежности што ги има Државниот совет, порача Тупанчевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот