Трговија со луѓе: Криминалците ги таргетираат децата, тие најмногу го користат интернетот, а најмалку се информирани за опасностите кои ги демнат онлајн

скопје мобилни телефони мобилен телефон
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

18-ти октомври е Европски ден на борба против трговијата со луѓе, а децата се најранлива категорија која станува жртва на разни предатори кои го користат интернетот за регрутирање, за контрола и за експлоатација на децата преку информатичката технологија.

Наивните детски игри на компјутер, комуникациите преку социјалните мрежи, допишувањата со непознати ги прават децата потенцијални жртви на трговија со луѓе, зошто од другата страна на врската ги димнат разни предатори од кои може да се заштитат само ако се добро информирани и ако над нивните комуникации контрола имаат пред се родителите.

Европскиот ден за борба против трговија со луѓе е добар повод да се зборува отворено за овој проблем бидејќи оваа година жртви кај нас се претежно деца.  Ако пред десетина години возрасната граница на децата – жртви на трговија со луѓе била од 16 години нагоре, сега таа се намалува и жртвите се од 10 до 17 години. Најмалата жртва на трговија со луѓе кај нас, според податоците на Отворена порта, во критичниот момент имала само 10 години, а во моментов ова здружение, дел од мрежатата Ла Страда, асистира шест жртви на трговија со луѓе и сите се деца.

-Модерното време, модерните трендови, употребата на интернетот и технологијата ги изложува децата се повеќе на ризик особено ковид периодот кога децата станаа посебно ранливи скриени зад компјутерите и кадешто користејќи ги најчесто мрежите ЈуТјуб, Снеп чет, Твитер и Инстаграм итн, стапуваат во контакт со лицата кои ги познаваат или не ги познаваат, изјави Јасмина Димишковска Рајковска, извршен директор на Отворена Порта/Ла Страда посочувајќи на случајот Јавна соба како и на случајот со детето – жртва на трговија со луѓе преку интернет и неговата сексуална експлоатација.

Отворена порта спроведе едно истеажување чии резултати се фрапантни.

-Истражувањето покажа дека децата ги користат овие платформи и неретко имаат по повеќе акаунти на иста платформа и често се случува две деца да делат ист акаунт поради играње игрици и за забава, но тука се дека најголем дел од нив стапиле во контакт со лица кои не ги познаваат, а подоцна дел од нив оствариле и физички контакт со такви лица и овој факт е загрижувачки и ги доведува децата во голем ризик, рече Димишковака Рајковска.

Според неа предаторите лесно може да манипулираат со децата кои се најранлива категорија и се потенцијални жртви на онлајн експоатација, а трговијата со луѓе се случува и лице во лице и таа опфаќа повеќе облици  на експлатација: сексуална, трудова, питачење, продавање на органи, принудни бракови итн.

-Децата се најранлива категорија, тие се манипулриани под присила, под закани се принудувани да вршат дејствија онлајн кои се недолични за нивната возраст. Овие видеа некогаш одат во живо, некогаш се споделуваат на порнхабови, некогаш се споделуваат меѓу пријателите. Значи такви видеа на деца се шират меѓу децата, снимени од самите деца и тоа е еден од ризиците кадешто  предаторите стигнуваат до тие видеат и потоа почнуваат преку присила и преку закани да ги тераат децата со вршење на чинови коишто се недолични за нив и истите понатаму ги продаваат и препородаваат на одредени сајтови и некогаш одат и во живо, нагласува Рајковска.

Според Националната координаторка за борба против трговија со луѓе и државен секретар во МВР, Магдалена Несторовска  онлајн комуникациите колку што имаат позитивни ефекти во информирањето на граѓаните, имаат негативни ефекти кои произлегуваат од недоволната информираност како онлајн комуникацијата може да биде злоупотребена.

-Трговците со луѓе голем дел од своите пред се подготвителни активности во врска со извршувањето на кривичното дело, а и самото кривично дело го извршуваат преку злоупотреба на компјутерската технологија што значи дека ги уловиле зошто од една страна постои недоволна информираност на жртвите и за тоа колку е можно да биде злоупотребена информатичката технологијата, а од друга страна за нив како криминалци, лица кои вршат криминално дело им се овозможува поголема анонимност и поголема профитабилност, потенцира Несторовска додавајќи дека годинава вкупно има 8 жртви на трговија со луѓе, а од нив 7 се малолетници.

Таа додаде дека едно од овие 8 лица е жртва е веќе детектирана  трговија со луѓе преку онлајн комуникација.

-Тоа говори дека кримниналците ја таргетираат онаа група која најмногу го користи интернетот, а најмалку е инфоормирана за опасностите кои произлегуваат од злоупотребата на информатичката технологија, рече Несторовска.

Рајковска испрати апел до родителите да водат сметка на кои платформи се децата, да имаат малку повеќе контрола за тоа што прават децата на интернет, со кого комуницираат, а на државно ниво потребно е да се развијат и спроведат стратегии за подигнување на свесноста на децата од ризикот од интернет и како безбедно истиот да се користи.

-Со заеднички напори на Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција, Отворена Порта, меѓународната заедница, а во соработка со институциите како што се училиштата и универзитетите  ќе успееме да ја подигнеме свесноста на децата за ризикот позади компујтерот и да ги заштитиме онолку колку што можеме и да работиме со родителите, за да ја подигнеме нивната свесност за ризиците кои се кријат позади интернетот и ги демнат децата, рече Рајковска.

Несторовска нагласи дека со измените во Кривичниот закон е подигната границата на казнување кога се работи за кривично дело трговија со дете, а постои дистинкција во рамките на нормативната регулатива.

-Последните санкции кои се изречени за трговија со дете покажуваат дека државата особено внимава на овој факт. Последната пресуда која беше изречена беше 17 години затвор и тоа покажува дека секој оној кој ќе се осмели да прави трговија со дете заради сексуална или  друга експлатација, државата испраќа порака колкава е казната која го очекува за овој вид на кривично дело, рече Несторовска.

Во рамки на одбележувањето на Европскиот ден за борба против трговија со луѓе – 18 октомрви, МВР заедно со партнерите од ОН, Советот на Европа и Отворена порта ќе поделат брошури за подигање на свеста на учениците за опасноста од злоупотреба на компјутерската технологија низ 33 училишта во земјава.

Децата може да го користат и СОС бројот на Отворена Порта 0888 11111 каде од стручен персонал може да добијат насоки за нивна заштита од трговија со луѓе, а може да пријават и злоупотреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот