Тренчевска: Пред нас е предизвикот за мобилизирање на што поголем број згрижувачки семејства

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска/ Фото: МИА

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска оствари средба со претставници на СОС Детско село на која се разговарало за активностите што се имплементираат во делот на грижата за децата без родители и родителска грижа, за згрижувачките семејства и за поддршката на младите над 18 години.

Тренчевска, како што информира ресорното Министерство, посочила дека грижата за овие деца треба да биде континуирана и стручна за да можат тие да излезат од системот на социјален ризик.

– Пред нас е предизвикот за мобилизирање на што поголем број на згрижувачки семејства. Во таа насока наскоро заедно со УНИЦЕФ ќе започнеме кампања за промовирање и зајакнување на згрижувачките семејства. Очекуваме со ваквата активност да се зголеми интересот на граѓаните кои сакаат да станат згрижувачи на деца. Згрижувачките семејства на децата без родители и родителска грижа, со попреченост, децата – жртви на насилство се најдобриот начин на децата им се обезбеди грижа, љубов и посветеност, нагласила Тренчевска.

Претставниците од СОС Детско село ја поздравиле намерата со кампања да се подигне интересот кај граѓаните за да станат згрижувачи на деца. Посочиле дека еден од начините е да се унапредат законските решенија поврзани со алтернативната грижа за деца и млади. Со проектот „Унапредување на системот на социјална заштита и поддршка на процесот за деинституционализација”, невладината организација очекува системска поддршка за помош на младите по напуштањето на СОС Детско село.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот