Торес претставен на „Камп Ноу“: Доаѓањето во Барселона е остварување на сонот

Феран Торес потпиша договор со Барселона на пет и пол години/ фото: EPA-EFE/Alejandro Garcia

Феран Торес денеска и официјално е претставен како нов фудбалер на Барселона. Трансферот на шпанскиот репрезентативец се реализираше миинатата недела, а денеска беше неговата промоција.

Торес потпиша договор на пет и пол години, а Барселона на Манчестер сити ќе му плати 55 милиони евра на четири рати, додека фудбалерот се согласи да има помала плата од таа што ја примаше во англискиот тим и на „Камп Ноу“ ќе игра за 5.5 милиони евра годишно.

– Кога ја добив понудата на Барселона, немаше потреба да размислувам два пати, а кога ме побара лично Чави, уште повеќе сакав да дојдам тука. Барселона е огромен клуб и горд сум што дојдов во овие моменти, да се обидеме заедно да го вратиме тимот каде што и припаѓа. Директорот Матеу Алемани го повика мојот агент по натпреварот против Италија во Лигата на нации и тогаш започнаа преговорите. Во Сити знаеја колку сакам да одам во Барселона, јас сум Шпанец и доаѓањето тука е остварување на сонот – изјави Торес на промоцијата.

Се очекува Торес да го добие дресот со бројот 11, веднаш откако Јусуф Демир ќе пронајде нов клуб бидејќи Барселона не сака да го откупи неговиот договор за 10 милиони евра.

Сепак, иако е претставен како големо засилување, Феран Торес сè уште не може да биде регистриран како играч на Барселона. За тоа да се случи потребно е Осмен Дембеле или Серхи Роберто да потпишат нови договори, или пак Кутињо или Умтити да си заминат во зимскиот преоден рок.

– Доаѓањето на Торес е голема работа за нас. Знаевме дека ќе мора да ги решиме финансиските детали поради регистрацијата на Торес и работиме на тоа се да биде завршено до викендот – изјави спортскиот директор Алемани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот