Топлификација „Битола“ пред да биде готова ги „стопли“ политичарите

Состанок за Топлификација Битола/Фото: СП

Иако се уште е рано за стартување со работа на Топлификација Битола, таа веќе ги даде првите резултати.

Деновиве битолската Топлификација ги „стопли“ односите на лутите политички ривали ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

На првата заедничка средба од таков формат, во кабинетот на градоначалникот Тони Коњановски седнаа на заедничка маса да разговараат околу проектот Топлификација на Битола, градоначалникот Тони Коњановски, сега веќе екс директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, генералниот директор на РЕК “Битола” Пеце Матевски и в.д. директорот на Топлификација Битола, Горан Козаров.

По конструктивната дискусија беше договорено да се формира Координативно тело во кое ќе бидат вклучени стручни лица од двете страни, кои што ќе обезбедат побрза и поефикасна реализација на проектот.

Инаку, изградбата на Топлификација “Битола” , ќе чини 47 милиони евра, од кои 40 милиони се средства кредит на КfW банка, а 7 милиони евра се сопствени средства на АД ЕСМ е сон на битолчани кој трае цели 40 години.

Сега, над четиридеценискиот сон на битолчани да добијат централно затоплување и топлификација, полека станува јаве.

Првиот човек на “Топлификација Битола”, претпријатие што го формира АД ЕСМ, Горан Козаров вели дека цевките од РЕК “Битола“ за топлификација на Битола и соседните општини Новаци и Могила веќе се на неколку стотини метри од Битола.

– За една година цевките што ќе пренесуваат топлинска енергија од РЕК стигнаа до Битола. Цевките влегуваат во Битола и топловодната гранка од РЕК е стигната во близината на локацијата каде што ќе биде кулата за дотоплување на водата на влезот од Битола, вели Горан Козаров.

Топлификацијата на Битола од РЕК е желба на битолчани стара повеќе од 40 години, откако практично почна изградбата на Комбинатот, но досега нејзината реализација не ја следеше многу среќа.

Така, првото претпријатие што се грижеше за затоплување на битолчани, ” Топлификација Битола“ ДОО – Скопје, по неколку години работење, замина во стечај. Оттогаш битолчани практично се збогуваа со централното греење и неколку илјади домаќинства, особено во Нова Битола, мораа да се преориентираат на загревање со струја или дрва.

Се гради топловодот за биточани/Фото: СП

За да се реализира идејата за централно затоплување на Битола, пред повеќе од една деценија Општината Битола, во соработка со соседната општина Новаци и Аминдео од Грција, почна со реализација на прекуграничниот проект за топлификација “Телетерм“. Со овој проект се планираше топлинската енергија што излегува од РЕК-Битола, преку Општината Новаци, да стигне до Општината Битола, а со еден крак да се поврзе и со Општината Могила. Но и од овој европски проект, кој ја имаше поддршката и од тогашната влада, а во кој требаше, покрај искуствата од Грција, да се користат и средства од ЕУ за прекугранична соработка, заврши без успех. Од проектот ” Телетерм“ не се случи ништо.

Откако Битола не успеа да го реализира проектот со соседна Грција за топлификација на градот, претходната локална власт пред локалните избори почна со сопствени средства да гради топлификација на десната страна од реката Драгор. Но и овој проект заврши како и претходните, без успех.

Рек Битола/Фото: СП

Сега сите погледи се свртени кон реализацијата на проектот за топлификација на Битола што го реализира АД ЕСМ заедно со РЕК-Битола.

Овој проект ќе се реализира во неколку фази, со средства од кредитната линија на КФБ банка, во износ од 40 милиони евра, и сопствени средства на АД ЕСМ, во висина од над 7 милиони евра. Во првата фаза треба да бидат приклучени 37 објекти од градот. Тоа се државни институции, судови, полиција, училишта, градинки, болницата, но и одредени објекти што прават трансмисија на огромни количества гасови и загревањето на тие институции чини многу пари. Според Козаров, бенефитот ќе го почувствуваат прво тие, а потоа е предвидено мрежата да се разгранува низ градот, да се пројави интерес за колективните затоплувања каде што има постојни котларници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот