Тивка европска дипломатија против балканската агресија

epa08731290 Bulgarian Foreign Minister Ekaterina Zaharieva (R) welcomes North Macedonia's Foreign Minister Bujar Osmani (L) in Sofia, Bulgaria, 09 October 2020. Osmani is on an official visit in Sofia. EPA-EFE/VASSIL DONEV

Македонската влада тивко и дипломатски бара решение за ултиматумот, со кој Бугарија ја условува својата поддршка за почетокот на преговорите за членство во ЕУ додека министрите на источниот сосед гласно уценуваат и се закануваат со блокади.

Откако бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева повтори дека Македонија мора да ги признае бугарските корени на народот и на јазикот ако сака во ЕУ, вицепремиерот Красимир Каракачанов порача „во Македонија да не се надеваат дека ќе станат членка на ЕУ со коминтерновско удирање по маса“.

Од Владата, пак, се воздржуваат од политички изјави, како што велат, за да не ја подгреваат состојбата и очекуваат дека со одредени дообјаснувања од наша страна и со позитивен поглед на нештата ќе ги започнеме преговорите со ЕУ до крајот на ова година. Советот на ЕУ на 10 ноември треба да ја усвои преговарачката рамка за Македонија, а в четврток има уште една директна можност за надминување на разликите со Бугарија, кога шефот на дипломатијата Бујар Османи ќе одржи средба со Захариева.

На Бугарија ќе ѝ требаат сериозни аргументи за вето

Според познавачите, ако Европа сега ѝ допушти на Бугарија да ги блокира преговорите, тогаш тие наместо максимално 10 години, ќе траат значително подолго, а македонската влада нема многу голем избор освен дипломатската битка да ја води на тивок начин.

– Премиерот Зоран Заев сака да води млака дипломатија за да не ги распламтува и онака вжештените односи со Бугарија, во надеж дека дипломатскиот притисок на Германија ќе ја спречи Софија да стави вето на преговорите, од проста причина што ние 15 години чекаме. Заев е свесен дека ако и оваа шанса ја изгубиме, подоцна ќе биде потешко да ги почнеме преговорите. Македонија својата европерспектива ја брани од многу асиметрична позиција, во ситуација кога веќе жртвувала дел од своите национални интереси и достоинство во однос на своите почетни позиции кон Бугарија, во еден суров свет каде меѓународното право не ги штити малите и слабите, а силните го злоупотребуваат правото на вето за свои интереси. Во услови кога Бугарија е членка на ЕУ со право на вето, а ние не сме, Владата со блага дипломатија се обидува на вешт начин, користејќи  ја поддршката на Германија, да докаже дека Македонија ги исполни сите услови за почеток на преговорите со ЕУ, а сега како пречка останале само апсурдните барања на соседна земја – вели политикологот Благојче Атанасоски за „Слободен печат“.

Според него, Бугарија не е стара и моќна членка на ЕУ како Грција и ЕУ нема да ѝ дозволи да ги загрози нејзините стратешки интереси и декларирани приоритети, а тоа е проширувањето со земјите од Западен Балкан.

– Ако Бугарија стави вето, ќе треба да приложи сериозна аргументација за тоа, затоа што Македонија ги исполни условите да преговара, а проширувањето е европски интерес. Главното прашање е дали Бугарија блефира или ги подигнува националистичките барања за да извлече некакви отстапки од Македонија – вели Атанасовски.

Владата ќе се појаснува во Договорот

Од Владата велат дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет се факти потврдени од Обединетите нации, а сите отворени прашања треба да се решат со дијалог.

– Сметаме дека во оваа фаза, со давање политички изјави не треба да се нарушува процесот на разговори што се води меѓу двете министерства за надворешни работи. Потсетуваме дека нема потреба од нов договор, ниту од анекс. Во рамките на постојниот Договор, Владата е подготвена да прифати појаснување на одредени загрижености што постојат во Софија и сметаме дека на таков начин, гледајќи низ позитивна призма, Република Северна Македонија ќе ја оствари целта и до крајот на годината ќе ги почне преговорите за членство со ЕУ. Факт е дека имаме заедничка историја што е потврдена во Договорот за добрососедство и ако се фокусираме кон иднината, заедничката историја треба да се искористи за да се најде решение. Владата ги охрабрува експертите од заедничката Комисија за историски прашања да продолжи кон изнаоѓање решенија – велат од Владата.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ деновиве немаа силни реакции кон власта за спорот со Бугарија, а викендов лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски рече дека „во моментот најважно е Македонија да ја одржи таа меѓувладина конференција во ЕУ“. Тој најави дека деновиве ВМРО-ДПМНЕ ќе свика комисиска седница во рамките на парламентот на која што ќе може отворено да се разговара за македонските црвени линии.

– Ние преку пратеникот Антонијо Милошоски, кој е претседател на собраниската комисија за надворешни работи, ќе свикаме седница на којашто ќе може отворено да се разговара за македонските црвени линии, ќе бидат поканети политичари од власта, како и министерот за надворешни работи и Зоран Заев, па ќе можат отворено да зборуваат за сето тоа што го лажеа македонскиот народ изминативе четири години дека имаат загарантирана европска перспектива – рече Мицкоски.

Завчера Каракачанов за бугарските медиуми истакна дека „во Скопје сметаат дека некој однадвор ќе изврши притисок врз Бугарија, но ова нема да се случи“. Според него е незамисливо бугарското Собрание да гласа за отстапки.

– Ќе видиме што ќе се случи за една недела. Изборот дали ќе бидат дел од ЕУ е нивен. Нема да станат членки на ЕУ со коминтерновско удирање по маса. Договорот за добрососедство е доволно добар, но само доколку се почитува. Една година по неговото потпишување, тој веќе не се почитуваше. Склучувањето на договорот беше услов за прием на земјата во НАТО, а неговото почитување е услов за членство во ЕУ – рече Каракачанов.

Тој тврди дека нема дипломатски притисок врз Бугарија од Германија.

ФАЦ: Германските министри Мас и Рот со недели работат на решение

Во Брисел се води спор што може да има сериозни последици за иднината на проширувањето на ЕУ, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

– Бугарскиот амбасадор во ЕУ, Димитар Цанчев, веќе двапати им одржуваше емотивни беседи на своите колеги за фактот дека преговорите за пристапување во ЕУ со Република Северна Македонија можат да почнат само откако земјата ќе ги исполни посебните услови на Бугарија. Во суштина, Софија бара Македонците да признаат дека всушност биле Бугари и дека зборувале бугарски јазик, пред да станат независна нација преку еден процес на историско фалсификување – пишува весникот.

Ваквите ставови, според ФАЦ, немаат поддршка од ниту една друга земја членка и изјавите на бугарскиот амбасадор наишле на неразбирање и чудење, а никој од колегите не му се приклучил, ниту Грците, ниту пак Французите или Холанѓаните, кои лани го блокираа почетокот на пристапните преговори.

ФАЦ објаснува дека клучната одлука за преговорите ќе ја донесат министрите за надворешни работи на ЕУ на 10 ноември, откако претходно таа треба да биде подготвена од амбасадорите на земјите членки. Бугарија може да ги блокира овие процеси, затоа што одлуките се носат со консензус. Затоа, Германија бара од двете земји ваквите спорови да ги решаваат билатерално и да не ги внесуваат во преговарачката рамка.

– Шефот на дипломатијата Хајко Мас и министерот за Европа Михаел Рот веќе со недели работат на такво решение со тоа што телефонски разговараат со своите колеги во двата главни града. ЕУ-дипломати се воздржани оптимисти дека ќе се најде такво решение – пишува весникот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот