Темплум: Игор Лозаноски ја доби наградата „Новите!“ за 2020 година

Жирито за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“, во состав Фросина Крушкаровска, Алекс Букарски и Давор Стојановски, одлучи петнаесеттата награда „Новите!“, за 2020 година, да ја додели на збирката раскази „Исповед на еден телевизор“ од Игор Лозаноски. Од вкупно пристигнатите 24 ракописи во потесниот круг за наградата влегоа ракописите на шест автор(к)и: Стефан Алијевиќ, Ангела Бошкоска, Ива Дамјановски, Игор Лозаноски, Мила Ноневска и Никола Кузелов.

Книгата на Лозаноски, на крајот најдобро оценета, претставува збирка од 25 куси раскази обединети и проникнати од една клучна тема или расположение: отуѓеноста на модерниот човек во општество кое постепено и видливо се распаѓа, првенствено под растот и тиранијата на технологијата. Во таквото општество технологијата го зграпчува и парализира не само вниманието туку и идентитетот и ги претвора корисниците (некогашните „граѓани“) во безлични школки во кои шуштат комуникациски шумови, а се ослободени од одговорност, учество, заедништво, смисла, увид… Во таа смисла, расказите на Лозаноски веродостојно ги рефлектираат тегобноста и неснаоѓањето не само на младите луѓе во нашиот град и држава, туку и пошироко.

Градот во кој се случуваат расказите наликува на Скопје, но можеби е тоа некакво малку изместено, дистописко Скопје. Зад индивидуалните драми кои немо се расплетуваат – некои од нив директно инспирирани од мачната пандемиска сегашност – тлее тегобна атмосфера на општество кое налудничаво се фрагментира и затвора. Пандемијата само го засилува тоа пленетарно чувство на тегобност, мошне присутно во книгата „Исповед на еден телевизор“, е истакнато, меѓу другото, како образложение за награденото дело. Покровител на наградата „Новите!“ веќе петнаесет години, од самиот почеток, е Комерцијална банка – Скопје.

Наградениот автор Игор Лозаноски (1990, Скопје) дипломирал на Економскиот факултет на катедрата за Менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Работи во приватна фирма во друга струка. Со поезија и проза аматерски почнал да се занимава од десет години, за веќе на тринаесет години да знае дека е на вистинскиот пат и дека тоа е неговиот сон. Творечките почетоци се во 2006 година, кога негови песни се објавени во средношколскиот училиштен весник „Орце Инфо“. Досега ги има објавено збирките поезија „Така дуваше ветерот – Барок и романтизам“ (2018) и „Плодови на минатото“ (2020).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 63, во новогодишниот број на печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 декември 2020 – 3 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот