Театар Комедија бележи десет години од првата претстава

Претставата „Клетвата на Скотје“ на 25 и 26 март ќе биде изведена во Театар Комедија

Првите десет години се најтешки, е мислење што често се слуша меѓу народот, а сѐ понатаму е песна. Да бидеме искрени – нас и овие десет години ни беа како песна. Затоа со огромна радост ќе го пречекаме 27 март 2022 година и на Светскиот ден на театарот ќе влеземе во втората деценија на Театар Комедија.

Како Национална установа Театар Комедија е основан во ноември 2011 година, а официјалното отворање беше одбележано со премиерата на претставата „Ах, љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски на Светскиот ден на театарот – 27 март 2012 година. Првите две години Театар Комедија ја реализираше својата програма на сцената на Драмски театар – Скопје, а потоа својот дом го најде во објектот Театар Центар.

Главната претпоставка за формирањето на Театар Комедија беше и, сѐ уште, е да се овозможи поголема театарска понуда со постоење на жанровски определен театар во државата, со репертоар кој ќе има бројни праизведби од македонски автори, комедии од класиците на светската книжевност и современи комедии од светската драматургија. Во овие десет години на сцената на Театар Комедија се поставени 33 премиери, а претставите имаа 922 изведби. Комедија е еден од најпосетуваните театри со вкупна бројка од 258.292 гледачи.

Како благодарница, на првиот режисер во Театар Комедија, Коле Ангеловски, едно од седиштата во публиката добива плочка со натпис: Коле Ангеловски, првиот режисер во Т. Комедија, 27.03.2012, „Ах, љубов моја“.

Заедно со Театар Комедија во овие десет години растеше и зрееше и комплетната актерска и сценска екипа. Театар Комедија досега има добиено 21 награда на домашни и меѓународни фестивали. Со огромно задоволство го организираме и Меѓународниот фестивал „Гола месечина“, кој се одржува на отворен простор.

Театар Комедија веќе се вброи и меѓу театарските куќи што ги отворија вратите за сите категории на граѓани. Исто така, за подобрување на условите за пристап и за непречено следење на претставите од страна на лицата со хендикеп беа реализирани и неколку проекти.

Ентузијазмот и желбата за откривање нови предизвици се уште позасилени сега, кога имаме десетгодишно искуство зад нас. Во тешки времиња најтешко е да се насмеат луѓето, да се извлечат од сивилото на реалноста и да се внесат во простор каде што на сите проблеми ќе гледаат со насмевка. Бројната и верна публика на Театар Комедија веќе знае каде и со кого да влезе во безбедната зона на радоста и уживањето во животот.

Секој чекор напред е условен од трагите што сме ги оставиле. Во пресрет на Светскиот ден на театарот ве каниме и на изведбите на „Клетвата на Скотје“ во режија на Синиша Евтимов на 25 и 26 март, известија од Театар Комедија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот