Таравари по конзилијарно мислење во Приштина и во Тирана

Арбен таравари, Албин Курти Фото: Фејсбук Таравари

Арбен Таравари по 10 јануари се очекува да се сретне и со премиерот на Албанија, Еди Рама, и во средината на месецов ќе се знае дали Алијанса на парламентарните избори ќе оди сама, со опозициската ЕСП или со владејачката ДУИ.

Алијанса за Албанците ни по средбата на лидерот Арбен Таравари во друштво на опозициските лидери Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши со косовскиот премиер и претседател на „Самоопределување“ Албин Курти не решила дали на изборите ќе настапи сама или во коалиција. Иако според соговорници од Европски сојуз за промени поканата на Курти за заедничка средба на Таравари со опозициските лидери во Приштина се исчитува како јасна порака од косовскиот премиер на каде треба Алијанса да натежне, сепак и од партијата и од Сојузот тврдат дека Курти не сугерирал предизборна соработка меѓу четворицата лидери.

Таравари по 10 јануари се очекува да се сретне и со премиерот на Албанија, Еди Рама, и во средината на месецов ќе се знае дали Алијанса на парламентарните избори ќе оди сама, со опозициската ЕСП или со владејачката ДУИ. На последниот состанок на Централното партиско претседателство во петокот повторно било одлучено Алијанса самостојно да оди на изборите, но конечната одлука ќе ја донесе Централното собрание на партијата.

– Курти на средбата со Таравари, Меџити, Касами и со Гаши потенцирал дека партиските органи треба да решат за изборниот настап на Алијанса. Единствено што им советувал на четворицата лидери е да водат кампања без меѓусебни навреди, да го задржат нивото за да не ја оневозможат евентуалната постизборна соработка. Им укажал да внимаваат и на руската пропаганда, особено во изборниот период – вели за „Слободен печат“ висок функционер од Алијанса.

И од опозицискиот Европски сојуз за промени ни поптврдија дека Курти не инсистирал Алијанса да оди со опозициските партии.

– Поканата на Курти, Таравари на средбата да биде во друштво со опозициските лидери многу кажува. Иако за средбата повеќе инсистираа Касами и Беким Ќоку, советникот на Курти. Иако е јасно дека интенцијата на Курти е Алијанса да оди во предизборна коалиција со Европскиот сојуз, тој на средбата рекол „ваша работа е кој со кого ќе коалицира“. Курти ни како премиер, ни како лидер на „Самоопределување“ не дозволува да се меша во евентуална соработка на партии од албанскиот блок во Македонија, бидејќи во спротивно ќе предизвика дебата и во својата партија и меѓу Косово и Македонија – вели висок функционер од Европскиот сојуз за промени.

Алијанса е во центарот на вниманието на политичката јавност, оттаму и интересот како ќе настапи на изборите е поради тоа што нејзината одлука ќе ја расчисти ситуацијата во албанскиот блок. Таа исто така ќе влијае и на распоредот на силите во македонскиот политички кампус, ако се знае дека партијата на Таравари има отворена покана и од владиниот партнер Димитар Ковачевски во европскиот фронт.

Последната анкета на Институтот „Арбен Џафери“, која го мери и расположението на граѓаните Албанци во однос на можните комбинации и коалиции на парламентарните избори покажа дека „ако ДУИ, Алијанса за Албанците и Европскиот сојуз за промени одат сами на избори, ДУИ би била апсолутен победник со 29 отсто поддршка, втор е Сојузот со 16,6 отсто и трета е Алијанса со 12,2 отсто. ДПА и СДСМ би добиле само по 0,2 отсто од гласовите на Албанците. Речиси една петтина од испитаниците (19,6 отсто) се неопределени или не кажуваат за кого ќе гласаат“, се вели во извештајот од анкетата.
Ако на изборите Алијанса настапи заедно со Европскиот сојуз за промени поддржани од Самоопределување тогаш е извесно дека ќе победат, пренесува КланМ.

„Во случај Алијанса и ЕСП да ги здружат силите и да се натпреваруваат на заедничка листа, овој блок би победил на изборите против ДУИ. Коалицијата Алијанса-ЕСП би била прва со 34,8 отсто , а ДУИ би освоила 26,8 отсто од гласовите“, се вели во анкетата на Институтот „Арбен Џафери“. Анкетата е спроведена телефонски во периодот од 9 до 14 декември 2023 година на 1.015 испитаници.

Ковечевски се уште не закажал средба со Мицкоски

Премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, иако најави, се уште нема закажано средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за кадровските решенија во техничката влада. Според последната изјава на Ковачевски, средбата треба да се оддржи помеѓу Нова година и Божик и дека нема потреба од јавност. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема ни телефонска комуникација, ниту пак, покана за лидерска средба, но и да добијат покана Мицкоски ќе се сретне со Ковачевски на средба за која ќе ја информираат јавноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот