Таравари ѝ одговори на ВМРО-ДПМНЕ за куќата во Скопје: Сѐ е чисто, ја купив во 2021 година

Арбен Таравари/ Фото: Архива на „Слободен печат“

„Навистина ми е жал што преку овие изјави, а и преку многу други нешта, ВМРО-ДПМНЕ се враќа во духот на груевизмот. Препознатлива е таа реторика „сите се лоши и нечесни“, освен тие самите, коишто уживаат во луксуз на различни нивоа“, изјави лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, откако ВМРО-ДПМНЕ денеска алудираше дека е проблематично купувањето на куќата во населбата Тафталиџе.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска во Собранието праша дали луксузната куќа во Тафталиџе, која, според Николоски, Таравари ја добил на подарок, е поврзана со влегувањето на АА во власта.

Таравари во изјава за „Фокус“ овие обвинувања ги нарече „прилично инфантилни“.

„Куќата е купена во 2021 година, постапката и документацијата за купопродажба е во целост чиста. Имаме и доста за реновирање, а кредитот, здравје, ќе го плаќаме подолго време. Ве канам на кафе во својот дом и да видите за што станува збор. Се надевам дека тие што обвинуваат еден ден и самите ќе дозволат да ѕирнете во нивното секојдневие. Па, и да направите споредба…“, вели Таравари.

Николоски од собраниската говорница рече дека влегувањето на АА во власта е „политичка проституција и политичка корупција“. Притоа, тој праша дали имало уцена со цел АА да влезе во владејачката коалиција.

„Дали можеби природата на уцената е една убава куќа во еден елитен дел во Скопје, во населбата Тафталиџе која Арбен Таравари изминатиот период ја доби на поклон? Зошто велам на поклон? Затоа што во неговиот имотен лист пријавил дека куќа од 256 квадрати купил за 150 илјади евра. Како во центарот на Скопје се купува куќа по 500 евра квадрат?

Но, и дали воопшто тие 150 илјади евра воопшто се платени, зашто, според нашите сознанија, нема трансакции и на тие 150 илјади евра. Дали една од цените за влез во Владата е убавата куќа во Тафталиџе која му е поклонета на господинот Таравари, исто така, од еден функционер во оваа Влада од ДУИ?“ – праша Николоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот