ТАЈНИ СНИМКИ ГО ОТКРИЈА УЖАСОТ НА КАШОГИ: „Стигна ли животното кое треба да го жртвуваме?“

Фото: Профимедиа

Британски Би-Би-Си ја емитуваше истрагата за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги кое го потресе светот минатата година, во која разговараа со две правнички кои ја преслушаа застрашувачката разузнавачка снимка на турските власти , пренесува „Ал-Џезира балкан“.

Истрагата која ја припреми Џејн Корбин, емитувана е во состав на информативниот ТВ-магазин Панорама.

За застрашувачките детали околу убиството зборуваат Агнес Каламард, специјална истражувачка на Обединетите нации и Хелена Кенеди, британска адвокатка. Двете биле во тимот кои ги преслушал турските снимки.

Чекање на жртвата

Утро, 2. октомври, саудискиот конзулат во Истанбул се подготвува за необичен настан. Канцеларијата на генералниот конзул е прекриена со пластични фолии, а локалните Турци кои се вработени добиваат слободен ден.

Тоа утро Кашоги прима повик да дојде во конзулатот по своите документи кои му биле неопходни за склопување на брак со веренцата Хатиџе Џенгиз, која има турско потекло.

Напоредно со повикот за Кашоги, во конзулатот се случуваат многу работи. Тимот за атентат го подготвувал своето оружје, чекајќи да се „фрли“ на својот плен.

Британската адвокатка Хелена Кенеди, присетувајќи се на снимките на убиствата, зборува за ладнокрвноста на саудискиот тим додека ги комплетирал последните детали на операцијата пред доаѓањето на Кашоги.

„Можеше да се слушне нивното смеење. Тоа е одвратно…Чекале во конзулатот, знаејќи дека тој човек ќе влезе и дека ќе го убијат, а потоа ќе го исечкаат на парчиња“, вели таа.

Додека тој и Џенгиз оделе кон конзулатот, меѓу Махер Абдулазиз Мутерб и форензичкиот патолот Ал-Тубаиги се одвивал шокантен телефонски разговор. Кенеди вели дека разговарале за обдукцијата и дека притоа се смееле.

Музика и човечки трупови

„Обично слушам музика додека ги сечам труповите, а понекогаш пијам кафе и пушам цигари“, рекол Ал-Тубаиги за време на тој разговор.

Тимот продолжил да разговара за некои технички детали за операцијата, според зборовите на Кенеди. „Ова е првпат во мојот живот да морам да сечам некого на парчиња додека е на земја. Дури и ако сте месар, морате да го обесите животното за тоа да го направите“, рекол Ал-Тубаиги.

Кенеди од разговорите на мажите заклучила дека лекарот бил свесен за задачата која мора да ја направи. Таа вели дека на снимката може да се слушне како разговараат за тоа кога Кашоги ќе стигне и велат: „Стигна ли животното кое треба да го жртвуваме“.

– Така се однесувале кон него – констатира Кенеди.

Новинарката Џејн Корбин вели дека адвокатката Кенеди читала од својот бележник во која ги запишувала деталите додека ја слушала снимката, а гласот и бил преплашен кога зборувала за тоа.

Пригушен звук

Според истрагата на Би-Би-Си, на снимките може да се слушне дека тимот за атентат го наговара Кашоги, откако стигнал во конзулатот, да му испрати на син му порака за да го увери семејството дека е добро, нешто што новинарот го одбива.

Подоцна, вели Кенеди, „можете да забележите промена во гласот на Кашоги, од самоуверен човек до преплашена особа“.

„Напнатоста и ужасот се зголемуваат, а потоа станува јасно дека ќе се случи нешто страшно“, вели таа.

Но, дали од снимката може да се заклучи дека Кашоги бил свесен за намерата на убијците: Агнес Каламард, специјалната истражувачка на ОН вели дека не е сигурна за тоа колку тој бил свесен за планот на Саудијците.

„Не знам дали мислел дека ќе биде убиен, но сигурно сфатил дека се обидуваат да го киднапираат“.

На снимките се слуша како прашува: „Ќе ми дадете ли инекција?“ Тие му одговориле потврдно.

Според адвокатката Кенеди, Кашоги двапати го поставил прашањето дали ќе биде киднапиран, па потоа прашува: „Како може тоа да се случи во амбасада?“

Потоа почнува втората ситуација, вели Каламард. Звуковите кои потоа се слушнале покажуваат дека имало обид за загушување на Кашоги, веројатно со употреба на пластична вреќа околу главата. Устата му била затворена, насилно, можеби со рака или со нешто друго.

„Пушти го да сече“

Потоа на сцена стапува саудискиот форензичар Ал-Тубаиги. „Слушате глас кој вели: ‘Пушти го да сече’. Звучи како тоа да е Мутреб“, вели Кенеди.

„Тогаш некој вели: ‘Готово е’, а друг извикува: ‘Тргни го, тргни. Стави го ова на неговата глава. Замотај ја’. Можам да претпоставам дека му ја отсекле главата“, заклучила Кенеди од таа снимка.

Во истрагата продолжуваат да се изнесуваат детали за тоа што се случило подоцна, и се разговара со низа на луѓе кои се вклучени во случајот со Кашоги, меѓу кои и неговата веренца Хатиџе Џенгиз.

Дали Турција знаела дека Кашоги е во опасност?

Оваа емисија отвори уште едно прашање поврзано за тоа како турската разузнавачка служба дошла до снимките од оваа операција и дали од претходно знаела дека животот на Кашоги е во опасност и, ако тоа го знаела, зошто не го предупредила?

„Веројатно не знаеле дека постои ризик за неговиот живот. Нема доказ дека во живо ги слушале снимките. Вакви разузнавачки работи редовно се спроведуваат, а снимките се слушаат само ако постои повод за тоа. Во овој случај, тоа е исчезнувањето и убиството на Кашоги“, рече Каламард.

Џејн Корбин во емисијата разговара и со Метин Ерсоз, поранешен турски разузнавач со 27-годишно искуство во таа работа. Ерсоз, кој е експерт за Саудиска Арабија и нејзините специјални мисии, рече дека Кашоги „задоцнил со препознавање на опасноста и преземање на мерки за претпазливост“.

Ерсоз исто така вели дека неговите поранешни колеги разузнавачи преслушувале околу четири и пет илјади часои снимки за да ги пронајдат клучните детали, а потоа ги припремиле 45-те минути кои Кенеди и Каламард ги преслушале.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот